Search

Шекеринска, Османи, Димитров: Нема дилема во ЕУ- подготвени сме за старт на преговорите

Kако дел од пошироката јавна презентација на работата на Владата во изминативе две години, замениците на претседателот на Владата, Бујар Османи и Радмила Шекеринска, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, беа дел од емисијата „Патот кон“, на Алсат-М телевизија.

-Канцеларката Меркел го потврди ставот кој веќе претходно го пренесоа и Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, но и Високата претставничка на ЕУ, Могерини, Еврокомесарот за проширување Хан, известувачот Вајгел итн., сите го потврдуваат ставот дека Република Северна Македонија претставува светла точка на Балканот, пример за тоа како се градат односите со соседите, пример за тоа како се затвораат и внатрешните прашања, како се негуваат стабилни меѓуетнички односи, но и пример за тоа како се испорачува реформски напредок. Според тоа, ставот кој сите го повторуваат е дека земјава ги испорача обврските и поради тоа ќе ги започне преговорите со ЕУ оваа година“, истакна Османи, посочувајќи дека денес добиле цврсто уверување од страна на Канцеларката Меркел дека германскиот Бундестаг ќе го разгледа извештајот на Европската Комисија на сесијата во септември и ќе ѝ обезбеди зелено светло на Владата да ја поддржи препораката на Комисијата за старт на преговорите со Република Северна Македонија.

Во слична насока реферираше и министерот Димитров, посочувајќи на кредибилност на ЕУ во своите најави.

-Не постои земја, државник, Министер за надворешни работи кој не го поздравува Договорот од Преспа, но и очигледниот напредок на земјава на сите полиња, и со оглед на содржината на Извештајот на Европската Комисија, Европската Унија и практично се наоѓа во ситуација да си го одржи својот збор за старт на преговорите со Република Северна Македонија“, истакна Димитров.

Во продолжение Шекеринска потенцираше дека земјава не направи ниту една грешка, и не остави ниту еден аргумент на скептиците.

-Треба да се гордееме што за отворањето преговори со РСМ има консензус, ниту еден европски политичар не најде оправдување за одлагање на преговорите со РСМ. Тоа е првата порака од Меркел и германските пратеници кои ни беа во посета“, истакна Шекеринска, посочувајќи дека слична скептична атмосфера имало и пред добивањето на поканата за НАТО а сега веќе имаме брз процес на ратификација – завршен во 17 земји членки за само 5 месеци.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави