Search

Шекеринска на средба со македонските кадети наградени од австриската воена академија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со кадетите од Воената академија Сара Тасевска и Стефан Стојаноски, кои со натпросечен успех завршија настава од еден семестар на австриската  (Theresan) Воена академија, при што Сара Тасевска е избрана и за најдобар меѓународен студент. Двајцата кадети, на австриската Воена академија  се стекнаа со знаења кои ќе им користат во подоцнежното служење во Армијата на Република Македонија.

На средбата министерката Шекеринска го изрази своето задоволство од постигнатиот успех на питомците и рече дека истиот е потврда на нивното залагање, посветеност и желба за нови знаења.

Вие сте гордост не само за Воената академија туку и за целата АРМ, за нас како Министерство за одбрана и за нашата држава бидејќи со постигнатиот успех покажавте дека Македонија има кадровски потенцијали за да ја гради својата иднина како земја членка на НАТО”, рече министерката Шекеринска. „Вашата амбициозност и посветеност се пример и за следните генерации на Воената академија”, истакна таа.

Шекеринска додаде дека Воената академија развива образовен систем кој овозможува знаењата од областа на безбедноста да се компарираат и дополнуваат со знаењата и вештините кои ги нудат воените академии во странство.

Питомците Тасевска и Стојаноски се заблагодарија за поддршката и рекоа дека истата за нив претставува поттик и дополнителна мотивација во натамошното образование и служењето во АРМ.

Треба да знаете
Последни објави