Search

Шекеринска: Најголемиот успех со членството во НАТО е што првите ратификации дојдоа од соседите

Шекеринска: Најголемиот успех со членството во НАТО е што првите ратификации дојдоа од соседите

Најголемата промена со членството во НАТО е дека се претворивме од држава која во ходник чека каква ќе биде одлуката за нејзината иднина од страна на големите сили во држава која што влезе во клубот, во Алијансата, влезе во клубот на држави кон кои сакаме да припаѓаме. Сето ова носи обврски и предизвици. Отворивме една врата, но во таа нова преопсторија не чекаат нови обврски и ние тие ибврски не ги сметаме здраво за готово, туку се работи кои повторно ќе треба да ги сработиме.

Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во воведното излагање на научно-стручната расправа на тема „Перспективите од македонското членство во НАТО” што се одржа денеска во просториите на Факултетот за безбедност – Скопје.

-Членството во НАТО значи дека од овој момент натака ние и на експертско, и на воено, и на политичко ниво сме дел од клубот што има обврски. Тоа значи дека на секој состанок ќе не анализираат и ќе не ценат според тоа како ќе настапиме, што ќе кажеме, како ќе постапиме. Мали држави како Северна Македонија нема да имаат втора шасна да направат прв впечаток. Во овие месеци ќе се формира сликата за нас како идна членка на НАТО и мислам дека сме свесни за сите овие предизвици и дека нашето однесување во НАТО ќе биде многу важен критериум за оценка и на нашиот европски план, рече Шекеринска.

Таа нагласи дека најголемиот успех во однос на нашето членство во НАТО е што првите реакции и ратификации дојдоа од нашите соседи, нагласувајќи дека Словенија прва одлучи да почне со процедурата за ратификација уште пред нотификацијата, потоа следеа и другите соседни земји, а целиот процес вели, се одвива со брзина која изненади.

-Денеска Бугарија ја ратификуваше спогодбата, претходно тоа го направи Албанија. Во следната недела очекуваме тоа да го направи Романија. Практично сите земји во соседството беа први што рекоа дека не е ова важно за Северна Македонија, ова е важно за сите нас и ова е важно за регионот. Пред 20 години регионот беше симбол на кавги, на кофликти, на најлошо односи помеѓу најблиските држави, не се променивме само ние. Затоа сакам да им се заблагодарам на сите земји што ги забрзаа своите процеси за ратификација и да кажаме дека и ние делиме амбициозна агенда, не заради тоа што сметаме дека тоа е најважна работа во светот, туку затоа што сметаме дека добрите примери мора добро да бидат ценети, рече Шекеринска и додаде дека се очекува денеска и унгарската Влада да ја почне ратификацијата и да ја заврши пред почетокот на европските избори.

Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски истакна дека со членството во НАТО станавме држава со предвидлива иднина, меѓународен легитимитет и дефинитивна потврда на границите, а една од главните придобивки е меѓу другото и размената на информации во делот на денешните клучни безбедносни закани: сајбер криминалот, илегалната миграција, како и лажните вести феномени кои имаа влијание врз изборите и политички процеси во САД, Франција и Германија и ќе имаат и кај нас.

-Во рамките на НАТО само што завршивме со потпишувањето на протоколот и не бевме дојдени до аеродромот информации веќе не чекаа, сакаа да ги споделат со нас бидејќи сега сме де факто членка. Сојузниците во НАТО имаат многу информации на пр.за религиозниот екстремизам, што е проблем и во нашиот регион и во региони блиски на нашиот. Според податоци од нашите служби, ние имаме над 150 луѓе кои се бореле или сега се борат на блискоисточните боишта. Дел од нив се вратени овде или во регионот, или кај нас назад и може да направат големи проблеми. Ние немаме апарат што може во Сирија да ја покрие целата територија и да знаеме кој наш државјанин какви кампови посетувал и кои му се намерите кога ќе се врати, но НАТО може. Членките на Алијансата и како НАТО и на билатерална основа можат таа информација да ја споделат, рече Пендаровски.

Пред стручната расправа Факултетот за безбедност и Дипломатскиот клуб потпишаа Меморандум за соработка, а се одржа и свечено примопредавање на должноста НАТО-контакт амбасада во Северна Македонија меѓу амбасадорката на Хрватска Даниела Баришиќ и амбасадорот на Словенија Милан Јазбец, чија амбасада ќе ја има оваа функција во наредниот период кога се очекува полноправно членство во Алијансата на нашата земја.

Научно – стручната расправа се реализира во организација на Факултетот за безбедност и Дипломатскиот клуб.

Треба да знаете
Последни објави