Search

Шекеринска: Нашите релации со Вермонт се круна на односите со САД

Бевме млада држава кога пред 25 години го склучивме партнерството со Вермонт. По четврт век фактите говорат за многу блиско и конструктивно партнерство, соработката армиска и во делот на одбрана со Националната гарда на Вермонт е можеби најдинамичниот и највидливиот дел од нашата соработка помеѓу двете земји. Во овој 25-годишен период речиси 5.000 припадници на нашата армија и на МО поминаа низ обуки настава и комуникација со Гардата на Вермонт.

Ова го истакна вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на денешната заедничка прес-конференција во Министерството за одбрана со командантот на Националната гарда на Вермонт полковники Грегори Најт кој е во повеќедневна посета на земјата и ќе присуствува на одбележување на два јубилеја Денот на АРМ и 25 години од билатералната соработка.

-Нема подобро место и подобро време за прослава на нашиот заеднички јубилеј одтоклу сега во нашиот главен град кога ги броиме практично последните денови до нашето членство во НАТО – Алијансата. Тоа ќе беше невозможно ако овие 25 години не профитиравме од соработката со НГ на Вермонт. Тренингот, обуката, заедничките вежби и големиот број средби на ниво на Министерставта, но и на ниво на секој војник во армијата, не направија посилни и подобри, рече Шекеринска.

Таа додаде дека таков пример за билатерална соработка меѓу РСМ и САД беше и неодамнешната вежба најголема досега спроведена кај нас со учество на шест армии, од кои пет членки на НАТО – „Одлучен удар”, како и проектот кој е во тек за заедничките вложувања во капацитетите на полигонот Криволак, но и можностите за планирана соработка во делот на одбраната и безбедноста.

-НГ на Вермонт е дел од достигнувањата на нашата Армија, на нашиот одбранбен систем. Четврт век чекорите покрај нас и со нас и не следите низ сите сцили и харидби низ кои поминавме, а сите вие знаеме дека не беа малку. Поддршката што ни ја давате и ќе ни ја давате е многу важна, Затоа нашите релации со Вермонт ги гледаме како круна на нашите релации со САД, рече министерката Шекеринска.

Командантот на НГ на Вермонt полковник Најт исто така изрази воодушевеност што плод на 25-годишната соработка и позитивното пријателство кое е изградено се обучените 5.000 војници, дел од кои се и негови пријатели и седат во ГШ на нашата Армија.

– Ние сме тука и секогаш даваме поддршка за вашето членство во НАТО и истовреме очекуваме да станете 30-та членка на Алијансата, порача полковник Најт кој најави дека во следниот период планираат да го зголемат нивото на соработка.

Командантот, полковник Грегори Најт, кој ја предводи високата воена делегација на Националната гарда (НГ) на американската сојузна држава Вермонт, во рамки на тридневна официјална посета на Република Северна Македонија се сретна и со неговиот домаќин, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Како што е најавено, полковник Најт ќе има средба и со претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на прославата на годишнината на Армијата в недела во Охрид.

Треба да знаете
Последни објави