Search

Шекеринска: Експертската и политичката јавност се обединети во пораката за членството во НАТО

Помеѓу фактите и фикцијата – што ќе донесе пристапувањето на Македонија во НАТО“ е насловот на денешната дебата и презентација на два независни истражувачки труда за ефектите од пристапувањето на нашата држава во Алијансата, која ја организираше Институтот за европска политика, а ја отвори министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката Шекеринска на почетокот од своето воведно обраќање го изрази своето задоволство од соработката на државните институции со граѓанскиот сектор. Таа истакна дека Владата на Република Македонија цврсто верува дека оваа држава може да стане подобро општество, поинтегрирано, попросперитетно, преку членството во НАТО и ЕУ.

– „Неподелен е ставот помеѓу сите 29 членки на  НАТО алијансата, дека Македонија е подготвена да стане 30 земја членка.  И тоа е нешто на што  треба да бидеме горди затоа што оваа држава во брзо време успеа да го надомести загубеното. Меѓутоа се разбра процесот ќе зависи од завршување на процесот на уставни измени и од пораките кои што ќе ги испраќа РМ за целиот период на ратификација. Ние практично од првата половина на 2019 година, ќе можеме да функционираме на масата на НАТО, како де-факто земја членка. Но правото на глас ќе го добиеме откако процесот  целосно ќе биде завршен со ратификација во сите земји членки на алијансата. И ова што сега го правиме ни помага овој процес да биде успешен“, рече министерката на отворањето на дебатата.

Во изјава за медиумите таа рече:

„И експертската и политичката јавност во Македонија се обединети во пораката дека членството во НАТО за Македонија, значи зголемена безбедност, зголемена предвидливост, меѓутоа дека во исто време тоа носи шанси за поголем економски раст.Примерите кои ги погледнавме од соседството но и пошироко покажуваат дека членството во НАТО, иницира процес на зајакнат економски раст, поголема мобилност и храброст и кај домашните инвеститори, меѓутоа особено зголемен интерес од страна на странските инвестиции што веднаш има ефект за повеќе и подобро платени работни места.Се разбира се сложивме дека не треба да чекаме НАТО членството да ги реши сите наши проблеми, туку дека тоа е процес на растење, трансформација и подобрување на државата. На крајот се ќе зависи од нашите сили, се ќе зависи од нашиот капацитет и моќ на граѓаните да им опбезбедиме подобри шанси за живот“.

Симонида Кацарска – директор на Институтот за европска политика рече дека членството во НАТО ќе донесе зголемен развој и прилив на инвестиции.

„Базирајќи се на искуствата на останатите земји кои пристапиле во НАТО во изминатите 10тина години, она што може да очекуваме е секако зголемен развој, зголемен прилив на странски директни инвестиции, меѓутоа со една нота на внимателност дека голем дел од тие очекувања и ефекти всушност ќе зависат од нас самите, од спроведувањето на домашните реформи и дали ќе можеме да го оспособиме домашното стопанство и економија, како и нашите институции да се носат со предизвиците на обврските од тоа членство“.

Двата независни истражувачки труда, едниот посветен на „Повеќедимензионалните придобивки и ефекти од пристапувањето кон НАТО“, а другиот на „економските придобивки и предизвици од членството во НАТО“, преку факти и паралели со земјите од регионот кои веќе се дел од НАТО – Алијансата, укажуваат на реалните придобивки за граѓаните на Македонија од членството во Алијансата.

Економските податоци за земјите од регионот покажуваат драстично зголемување на показателите за раст на бруто-домашниот производ и за раст на странските директни инвестиции, споредено помеѓу петгодишните периоди пред и по членството во НАТО. Истражувањата покажуваат дека ефектите можат да се забележат веднаш, што се гледа и по податоците за Црна Гора која минатата, 2017 година стана членка на Алијансата. Во оваа земја порастот на странските директни инвестиции, само една година по зачленувањето во НАТО, изнесува 147%.

Треба да знаете
Последни објави