Search

Шведскиот буџет за 2021 година предвидува повеќе пари за странска помош отколку за полицијата

Шведскиот буџет за 2021 година претставен деновиве покажува дека шведската влада сака да потроши повеќе за странска помош отколку за полициските сили на земјата, иако криминалот од насилните бандите и понатаму претставува проблем, пренесува „Нихетер идаг“.

Буџетот, според кој шведската влада ќе позајми 67 милијарди шведски круни (7,5 милијарди долари), предвидува  52 милијарди шведски круни за странска помош, што е околу пет отсто од вкупниот национален буџет. Додека неколку милијарди ќе одат кон миграцијата, останатите, приближно 46,8 милијарди, ќе одат директно во странство.

Во меѓувреме, шведската полиција ќе добие 30,5 милијарди шведски круни со новиот буџет. Деловната заедница ќе добие 15 милијарди, а руралните и земјоделските области треба да добијат 23 милијарди.

Новиот буџет доаѓа во момент кога Шведска се бори со растечкиот проблем на насилството поврзано со престрелки на бандите и бомбашки напади што ја мачат земјата веќе неколку години. На почетокот на месецов, заменик-началникот на националната полиција, Матс Лофвинг директно го поврза растот на криминалот на бандите со масовната миграција кога ги опишуваше структурите на криминалните мигрантски кланови.

„Овие кланови доаѓаат во Шведска единствено со цел да организираат и систематизираат криминал. Тие работат на создавање моќ, имаат голем капацитет за насилство и сакаат да заработат пари. И го прават тоа со дрога, насилни злосторства и со изнуда“, рече Лофвинг.

Шведскиот премиер Стефан Лофвен првично ги отфрли сите врски помеѓу миграцијата и криминалот, но само неколку дена подоцна направи пресврт додека беше испрашуван во шведскиот парламент.

„Со големата миграција, каде што не можеме да се справиме со интеграцијата, постои и поголем ризик од вид на проблеми што ги гледаме. Кристално е јасно“ рече тој.

Шведска годинава предвидува буџетски дефицит од околу 296 милијарди шведски круни поради трошоците за справување со ефектите од Ковид-19. Националниот долг на Шведска исто така треба да се зголеми од 35 отсто од БДП на 42 отсто.

Треба да знаете
Последни објави