Search

Шведска забрани кинески компании да учествуваат во изградба на мрежата 5Г

Шведска им забрани на кинеските телекомуникациски компании „Хуавеј” и ЗТЕ да учествуваат во изградбата на 5Г- мрежа на нејзина територија од безбедносни причини.

Забраната е во согласност со новото законодавство што стапи на сила во јануари 2020 година, чија цел е да се осигура дека употребата на радио опрема од овие структури не ја загрозува безбедноста на земјата, соопшти денеска шведскиот регулаторен орган.

Компанијата „Хуавеј”, која е втор по големина производител на мобилни телефони во светот и лидер на пазарот во 5Г опрема, како и ЗТЕ ќе имаат рок до 1 јануари 2025 година да ги исфрлат сите постојни инсталации.

САД тврдат дека кинеските компании се користат за да шпионираат за Пекинг, обвинувања што Кина ги негира. Вашингтон врши притисок врз своите сојузници да го исклучат „Хуавеј” од својата интернет-инфраструктура.

Во јули, Велика Британија забрани провајдери на мобилни телефони да користат опрема произведена од „Хуавеј” во нивните нови 5Г мрежи и им дадоа рок на компаниите во земјата до 2027 година да ја отстранат опремата од кинескиот производител.

Франција исто така воведе сериозни ограничувања против употребата на опремата од „Хуавеј”.

Забраната беше објавена откако регулаторот соопшти дека одобрил четири понуди за шведската мрежа 5Г, закажани за 10 ноември, а сите четири компании се шведски. 

Треба да знаете
Последни објави