Search

Шведска ги отфрла препораките на СЗО, тамошните експерти велат дека маски не се потребни

Сè уште нема потреба да се носат маски во Шведска, изјави денес водечкиот здравствен службеник во оваа скандинавска земја со повеќе од 7.000 смртни случаи од почетокот на епидемијата на Ковид-19, еден ден откако СЗО издаде препораки за поширока употреба на маски.

СЗО во средата објави дека луѓето, вклучително и деца над 12 години, секогаш треба да носат маски во продавници, на работни места и во училиште, онаму каде што не е можно правилно да се проветруваат просториите, како и кога гости доаѓаат во домови во кои има слабо проветрени простории.

Шведската здравствена агенција, која стои зад шведската стратегија против целосно затворање, ги отфрли препораките за носење маски, повикувајќи се на слабите докази за нивната ефикасност и стравувањата дека маските може да се користат како изговор против изолација кога ќе се појават симптоми.

„Маски за лице се можеби потребни во некои ситуации. Такви ситуации сè уште не се појавиле во Шведска, покажуваат нашите контакти со регионите”, рече Андерс Тегнел, водечкиот шведски епидемиолог, на денешната прес-конференција.

„Сите досегашни студии сугерираат дека е многу поважно да се одржува растојание отколку да се носи маска“, посочи Тегнел.

Шведска денес потврди 35 нови смртни случаи од Ковид-19, со што вкупниот број на жртви достигна 7.007. Вкупно 6.485 нови инфекции се регистрирани во изминатите 24 часа.

Треба да знаете
Последни објави