Search

Шведската влада донесе нова реформска стратегија за Западен Балкан и Турција за периодот 2021-2027

Шведската влада вчера донесе нова седумгодишна стратегија за реформска соработка помеѓу Шведска и Западен Балкан и Турција. Постојаната соработка со земјите од регионот има цел да ги зајакне условите за демократски и инклузивен развој. Соработката со Западен Балкан ги вклучува Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

Како што соопшти Шведската амбасада во Скопје, преку новата стратегија Шведска ќе ја интензивира својата работа во областа на човековите права, демократијата, владеењето на правото, родовата еднаквост, инклузивниот економски развој и заштитата на животната средина и борбата со климатските промени. Исто така, шведската поддршка ќе се фокусира и на миротворни и инклузивни општества и ќе гради широки и долгорочни односи помеѓу Шведска и земјите од регионот.

– Развојот на соседството на ЕУ е од важност за Шведска и за Европската Унија и дека во интерес на Шведска е да продолжи соработката со земјите од Западен Балкан со цел да придонесе кон демократскиот развој со фокус на почитувањето на човековите права, родовата еднаквост и владеењето на правото. изјави Пер Олсон Фрид, министер за меѓународна развојна соработка.

Како што наведува Амбасадата, Шведска е еден од најголемите билатерални донатори во земјите од Западен Балкан. Шведската поддршка ја надополнува работата на ЕУ во областите кои се приоритетни за Шведска. Согласно стратегијата, Шведска ќе продолжи да придонесува кон поддршката на ЕУ наменета за земјите од регионот во нивните реформски агенди и во нивното приближување кон ЕУ. Поддршката за граѓанското општество е од клучно значење за демократскиот развој и за шведската поддршка на земјите, што е одразено и во стратегијата.

Стратегијата за реформската соработка ја донесува шведската влада, но ја спроведува Шведската агенција за меѓународна развојна соработка – Сида, Шведскиот институт, Академијата „Фолке Бернадоте” и Генералниот конзулат на Шведска во Истанбул.

– Финансирањето на новата стратегија за периодот 2021-2027 изнесува 5,6 милијарди шведски круни, од кои 5 милијарди шведски круни се наменети за земјите од Западен Балкан, а 0,6 милијарди шведски круни за Турција. Во Република Северна Македонија Шведска ќе иницира инклузивен процес за операционализација на новата стратегија. Амбасада на Шведска ќе упати покана до разните чинители да учествуваат во овој процес, на е-пошта: ambassaden.skopje@gov.se, информира Амбасадата на Шведска во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави