Search

„Шарли ебдо“ го користи пожарот во Нотр Дам за критикување на Макрон

Сатиричното француско списание „Шарли ебдо“ повторно ќе предизвика контроверзност откако на најновата насловна страница ќе го прикаже францускиот претседател, Емануел Макрон, измешан со запалената катедрала Нотр Дам, пренесува „Ил џорнале“.

На насловната страница на списанието е прикажан ликот на францускиот лидер на кого косата му е средена како фасадата на запалениот Нотр Дам, и оди со насловот „Реформи”, а Макрон вели: „Ќе почнам со структурата”.

Референцата има двојно значење во тоа што ги следи коментарите на францускиот претседател за обнова на катедралата Нотр Дам по трагичниот пожар во понеделникот вечерта, кој предизвика огромна штета на структурата и го уништи вековниот покрив.

Таа исто така се однесува и на актуелните проблеми со кои се соочи Макрон поради „жолтите елеци“, кои секоја сабота од 17 ноември минатата година протестираат против неговата политика и бараат сериозни реформи, вклучувајќи го и воведувањето Референдуми иницирани од граѓаните (РИЦ) за да се дозволи гласачите да носат и да укинуваат закони.

Прашањето за РИЦ стана централен фокус на движењето „Жолти елеци“, а некои анкети покажаа дека има масовна поддршка низ цела Франција, а истражувањето објавено во јануари, открива дека 80 отсто од Французите го поддржале овој концепт.

Макрон, исто така, вети реформи и спроведе „Голема дебата” во последните неколку месеци иако анкетите покажуваат дека мнозинството Французи се многу скептични дека неговата влада ќе ги слушне нивните одговори на тоа.

Не е првпат „Шарли ебдо“ да го нападне Макрон. Во првите денови по неговата претседателска победа во 2017 година, списанието објави насловна страница со Макрон и неговата многу постара сопруга Бригет, која е бремена, под насловот „Тој ќе прави чуда!”

Таа насловна, како и многу нивни насловни претходно, предизвика контроверзии, па некои француски корисници на социјални мрежи го обвинија списанието за сексизам.

Иако сатирата честопати доведе до сериозни критики за „Шарли ебдо“, таа, исто така, доведе и до трагедија во 2015 година кога радикалните исламистички терористи ги нападнаа канцелариите на списанието, при што загинаа 12 членови на редакцијата.

Треба да знаете
Последни објави