Search

Чинго: Отстуството на реформи ги детерминираше резултатите од изборите, како во Охрид така и на национално ниво

Првиот круг од предвремените избори за градоначалник на Охрид го потврдија она што години наназад е реалност во градот, дека двете најголеми политичи партии во македонскиот блок во секоја предизборна трка влегуват со приближно идентичен капитал гласови.

Конечните резултати од вчерашното гласање покажаа дека СДСМ и ВМРО ДПМНЕ по правило на избори во Охрид влегуваат со исто гласачко тело што изнесува некаде околу десет до 11 илјади гласови од својот табор.

Адвокатот Владо Чинго, кој своевремено беше претседател на Советот на општината и кој важи за добар познавач на политичките прилики во градот, смета дека главна причина за тоа што СДСМ не ги доби изборите е илузијата во која живее општинското партиско раководство за кое вели дека „се уште живее во сонот од 2016 година кога партијата победи благодарение на она што можеше да се слушне во бомбите”.

Според него, исходот во Охрид, па и генерално на национално ниво по однос претседателските избори, укажуваат на фактот дека најголемо влијание врз резултатите имаа нереализираните реформи ветени од Владата, помалку надворешната политика и договорот за името.

– Секојдневните афери, примерите со непотизам, наместени тендери, никаков напредок во клучните реформи како судството, здравството, образованието ги одвратија гласачите од излегување на избори. Бројките се показател дека СДСМ нема добро да мине на овие избори, што донекаде беше потврдено и на референдумското изјаснување. Слабиот одзив на изборите е последица на немањето избор на гласачите, како да се казни власта во отсуство на партија што би требало биде наградена, коментира Чинго.

На локално ниво, според него, најголемата грешка на СДСМ е повикувањето на партијата на реализираното од страна на покојниот градоначлник Јован Стојаноски кој објективно за една година мандат не можеше ништо да реализира од ветените проекти.

– Партијата сиот предзиборен концепт во Охрид го сведе на една карта, некакво продолжување на проектите замислени од Стојаноски. Се она што се направи во градот во овој период е благодарение на поддршката на централната власт, а не на активности спроведени од локалната самоуправа, појаснува Чинго.

Дури и за процесот на раздолжување на општината, за која смета дека е добро од аспект на општината, според Чинго, нема да даде позитивни резултати за власта оттаму што граѓаните се уште не можат да почувствуваат конкретен бенефит, како од намалувањето на долгот, така и од проектите за преземањето на Колекторскиот систем.

– Согласно Законот за финансирање на локалната самоуправа, општинската власт мора во проектирање на буџетот годишно да предвиди средства за раздолжување, а средствата од централната власт за раздолжување можеби требаше да бидат насочени во реализација на мега проекти, како атмосферска канализација, изработка на подземен катастар што е многу скап, а го нема, нешто што ќе ги почувствуваат граѓаните. Сега со тие пари се раздолжува општината, се исплаќаат сомнителни доверители, а инфраструктурни проекти нема, вели Чинго.

Што се однесува на резултатот што на изборите го постигна ВМРО ДПМНЕ, Чинго смета дека иако тој не и дава на партијата лежерност да прогласи победа, сепак смета дека партијата допрва ќе се мобилизира да го искористи моментумот.

– Сметам дека сиот свој потенцијал ДПМНЕ ќе го насочи на победа во Охрид, тука борбата ќе се сведе „човек на човек”, дотолку повеќе што политички Охрид е мошне важен и за двата табора. Доколку победи кандидатот на ВМРО во Охрид, изгледно е оти партијата целосно ќе ја преземе власта на локално ниво, проценува Чинго.

Инаку, според неговите анализи, најсериозен проблем според Чинго е избирачкиот список. Чинго е уверен дека на национално ниво нема 1,8 милиони гласачи, исто што важи и за Охрид, каде според него нема 52 илјади гласачи.

– Доколку се земат предвид младите до 18 години, кои процентуално би биле некаде околу десет илјади, во Охрид би требало да има над 62 илјади граѓани што е неспоиво со реалноста. И овие 28 илјади што излегоа вчера на гласање се доста висока излезност, оттаму што реално во градот нема толкав број жители, вели Чинго.

Според него, мобилизацијата на гласачи во Охрид ќе оди тешко, победата ќе се бара во обезбедување глас повеќе независно за која политичка опција.

– Тука има неколку илјади гласови што отидоа на контото на Трендафилов, Стевоски. Борбата ќе биде за тие и за неважечките гласови. Исходот ќе биде тесен затоа што Георгиески ја има онаа стандардна поддршка што ја добива локалната власт како таква, а за очекување е голем дел од гласовите на Трендафилов да одат на контото на Милошевски, смета Чинго.

Инаку, според конечните резултати од изборите во Охрид, кандидатот на СДСМ Констатин Георгиески освои 13.037 гласови пред противкандидатот од ВМРО ДПМНЕ Митре Милошевски со освоени 10.614 гласа. Двајцата ќе одат во вториот круг од изборите закажани за 5 мај. Што се однесува на претседателските избори, во Охрид победа оствари Гордана Силјановска Давкова со 13.257 пред Стево Пендаровски со 12.480 гласа, што само укажува дека секој глас ќе биде повеќе од важен во трката за градоначалничката функција.

Треба да знаете
Последни објави