Search

Челзи го демолираше Јувентус, само реми за Барса против Бенфика

Барселона и Бенфика одиграа без голови на „Камп Ноу“ во меч од петото коло од Лигата на шампиони, резултат кој ги радува гостите. Каталонскиот гигант требаше да победи за да обезбеди место во нокаут фазата, но со само еден освоен бод, ја остави Бенфика со реални шанси за второто место.

Во групата каде што Баерн Минхен е неприкосновен и прв со максимални 15 бодови, Барселона сега има седум бодови, а Бенфика е со пет. Во последното коло, Бенфика дома игра против аутсајдерот Динамо Киев, а Барселона ќе гостува кај Баерн Минхен.

Тоа значи дека доколку Бенфика во последното коло го победи Динамо Киев, а Барселона не освои три бода на „Алијанц Арена“ во Минхен, каталонскиот гигант ќе се збогува од настапите во Лигата на шампиони. На последните три меча меѓу овие два тима, Баерн даде дури 14 гола во мрежата на Барселона (3:0, 8:2, 3:2).

Во дербито на колото, Челзи покажа зошто е актуелен европски првак, откако на „Стемфорд Бриџ“ со убедливи 4:0 го победи Јувентус. Чалоба, Џејмс, Хадсон-Одои и Вернер погодија за домашниот тим.

Најдраматичниот меч го одиграа Јанг Бојс и Аталанта, а на крајот заврши 3:3. Гостите два пати водеа со 1:0 и 2:1, но во финишот на средбата Швајцарците направија пресврт и стигнаа до предност од 3:2. Аталанта се спаси од пораз благодарение на голот на Муриел во 88 минута и тоа неполни 60 секунди откако влезе во игра.

Резултати: Динамо Киев – Баерн Минхен 1:2, Вилјареал – Манчестер јунајтед 0:2, Барселона – Бенфика 0:0, Челзи – Јувентус 4:0, Лил – Салзбург 1:0, Малме – Зенит 1:1, Севилја – Волфсбург 2:0, Јанг Бојс – Аталанта 3:3.

Треба да знаете
Последни објави