Search

Чадиковски за МИА: Новинарот има право на слободна проценка дали да известува од настан, на кој не се почитуваат протоколите

Новинарот има право на слободна проценка и во случаите дали воопшто треба да известува од настан за кој проценува дека е од висок ризик, односно дека партијата свесно или несвесно го доведува во прашање здравјето на новинарот. Ова не е прашање на бојкот, ова е прашање дали некоја политичка партија ја потценува вашата новинарска интелигенција.

Ова во интервју за МИА го порача претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, кој посочи дека уште на самиот почеток на кампањата е јасно дека протоколите ќе се почитуваат селективно и дека на собирите на партиите не може да се избегнат посериозни физички контакти.

Упати апел до новинарите во вакви случаи да известуваат како во случаи на известување од воени жаришта, објективно, без страст и најважно, да си го заштитат прво сопственото здравје и живот. Секако од настаните, треба да се известува и за овој аспект на организираните собири, дали, колку и која партија не ги почитува мерките.

Додава дека во такви екстремни примери, каде не би имало почитување на мерките, всушност тоа би било главната вест од настанот, а не колку километри лажни ветувања ќе испорачува некоја партија.

Во продолжение следува  целото интервју со Младен Чадиковски:

Партиите не отстапуваат од теренски активности, иако сме во епидемија. Сите учесници на изборите ветуваат во текот на кампањата – ќе ги почитуваат протоколите, ограничен број поддржувачи на отворено и затворено, носење маски, дистанца… Кампањата штотуку почна, што доколку нема почитување, каква порака ЗНМ би им испратиле на медиумските работници, каква на политичките партии?

Уште отсега е јасно дека протоколите ќе се почитуваат селективно и дека на собирите на партиите не може да се избегнат посериозни физички контакти. Затоа она што апелираме до новинарите во вакви случаи да известуваат како во случаи на известување од воени жаришта, објективно, без страст и најважно, да си го заштитат прво сопственото здравје и живот. Секако од настаните, треба да се известува и за овој аспект на организираните собири, дали, колку и која партија не ги почитува мерките.

За политичарите веќе и јавно побаравме, бараме од сите учесници во изборниот процес, кои ќе организираат прес-конференции, изјави за медиумите и други настани за информирање на новинарите, да ги почитуваат здравствените протоколи при спроведување на овие активности. Тоа подразбира дека ќе треба организаторот да ги организира настаните за новинарите пред се на отворен простор доколку тоа го овозможуваат временските услови или да обезбеди просторија во која ќе се гарантира соодветната дистанца помеѓу сите учесници.

Истовремено, со цел дополнително да се заштитат новинарите и медиумските работници, организаторите на овие настани потребно е да обезбедат и заштита опрема (маски, ракавици и средства за дезинфекција) за сите присутни. Ова е особено важно во услови кога здравствената криза предизвикана од КОВИД-19 во нашата земја е влошена и се бележи зголемен број на ново заразени и починати граѓани во последните недели.

Новинарите, снимателите, фоторепортерите се во првите борбени редови во справување со Ковид-19, ризикот за нив не беше намален, тие се на терен, што доколку сега во комбинирани услови на корона и изборна кампања, на некој од партиските активности се соберат 100 и повеќе луѓе…како да реагираат медиумските работници?

Новинарот има право на слободна проценка и во случаите дали воопшто треба да известува од настан за кој проценува дека е од висок ризик, односно дека партијата свесно или несвесно го доведува во прашање здравјето на новинарот. Ова не е прашање на бојкот или не, ова е прашање дали некоја политичка партија ја потценува вашата новинарска интелигенција. Митинзите не се протести, ниту собири од таков карактер што сериозно го провоцираат новинарскиот нерв. Затоа ако се забележи сериозно отстапување од мерките, потсетуваме дека новинарот има право да одлучи каков третман ќе му даде на тој настан секако притоа следејќи го Етичкиот кодекс. Во такви екстремни примери, за мене, тоа би била главната вест од настанот, а не колку километри лажни ветувања ќе испорача некоја партија.

Пред неколку дена го промовиравте Прирачникот за етичко известување од изборите во Северна Македонија, кој ги потсетува медиумите дека треба урамнотежено и коректно да известуваат за кампањата на сите политички партии, со што ќе им помогнат на граѓаните како ќе гласаат. Може ли подетално да го појасните прирачникот?

Идејата на прирачникот е да ги потсети новинарите и медиумските работници кои се етичките правила за професионално известување од изборни активности како предуслов за добро информирана публика која пред да гласа треба да има кредибилни информации за понудата од страна на учесниците во изборната трка. Од друга страна, во прирачникот се покриени и правните аспекти, национални и меѓународни, за слободата на изразување во контекст на избори што се важни да се знаат особено земајќи во предвид дека нивното непочитување предвидува и сериозни казни за медиумите. Посебно важен дел би рекол се и препораките за измени и дополнувања на Изборниот закон кои впрочем од ЗНМ беа во 2019 година доставени до Министерството за правда, пред да се усвојат измените на законот а истите се во насока на одвивањето на изборната кампања во медиумите. Ова е проблематичен дел од законот кој може да влијае на уредувачката работа во медиумите и затоа пред некој ден имаше и интервенции во овој дел од законот со посебна уредба од Владата која беше донесена буквално на денот на почетокот на кампањата. Со ова се ставаат во ризик медиумите да добијат казни поради фактот што можеби не сите ќе имаат можност и време да се запознаат со новите обврски кои произлегуваат од оваа уредба.

Каква кампања очекување, дали коронакризата ги освести политичарите или?

Корона кризата покажа само една работа, дека приоритетите во македонската политика мора да се превртат и многу повеќе да се инвестира во здравството. Не смееме ние секој момент да сме во неизвесност, во кој момент ќе колабира здравствениот систем и како тоа ќе се одрази на граѓаните. Затоа целиот страв од корона кризата кај нас е сведен на бројката на хоспитализирани – ако таа ги надмине капацитетите на здравството се доведуваме во тешка ситуација, оттаму карантините ни станаа секојдневие. Ќе ја следиме кампањата, но чисто се сомневам дека корона кризата ќе ги смени политичарите генерално на подобро. За тоа треба еволуција, не епидемија.

Заедно со СЕЕМ и ССНМ ги прашавте политичарите што е за нив новинарството им најавите девет прашања, по едно во следните девет дена. Појаснување за оваа иницијатива?

Заедно со нашите партнерски организации деновиве организираме мала кампања каде преку десетина прашања упатени кон политичките партии кои се дел од изборната трка сакаме да видиме што тие размислуваат и што ќе ветат на работи кои се за новинарите и медиумите важни. Секој ден ќе објавуваме по едно прашање и темите се поврзани со тоа што ќе направи новата владата да креира побезбеден амбиент за работа на новинарите, ќе се реши ли неказнивоста кон насилството и заканите кон новинарите, како може да придонесе кој заштита на работничките права на новинарите, кои се гаранциите за обезбедувања на независност на МРТ и регулаторот и слично. Медиумските реформи како по обичај се изоставени од програмите кои се нудат за овие избори на партиите па мотивирани од тоа, сакаме да ги слушнеме што ќе кажат за проблемите кои се присутни во секторот веќе долго време и дали ќе понудат некое корисно решение со кое подоцна ќе ги потсетуваме на истото додека не го резлизираат.

Треба да знаете
Последни објави