Search

Црногорците тргнаа храбро, но Французите беа пресилни

Во третиот натпревар од денешната програма на Европското првенство, репрезентацијата на Франција со 36:27 ја совлада Црна Гора.

Црногорските ракометари немаа сила за ново изненадување на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка,иако почнаа храбро и одлично му парираа на големиот фаворит. За тоа говори водството во неколку наврати и изедначениот резултат 11-11 пред крајот на првото полувреме. Но, тогаш „галските петли“ како да се налутија, па со четири голови во низа првпат резултатски се одлепија (15-11) и го најавија конечниот исход. Второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата од страна на Французите, кои пред крајот во неколку наврати имаа и двоцифрено водство.

Дика Мем беше најефикасен кај „триколорите“ со седум голови, а истиот учинок го имаше и Милош Вујовиќ кај поразените.

Французите со овие бодови направија значаен чекор во трката за пласман во полуфиналето, моментно во групата „1“ води Данска со осум бодови која веќе е во следната фаза, следуваат Франција со шест и Исланд со четири бодови. Хрватите, Црногорците и Холанѓаните кои имаат по два бодови се веќе елиминирани од трката за полуфиналето.

Во последните мечеви закажани за в среда Франција игра против Данска, а Исланд се соочува со Црна Гора. Доколку Франција победи или ремизира, таа оди во полуфиналето без разлика каков ќе биде резултатот на Исланѓаните.

Доколку Исланд победи, а Франција загуби, тогаш составот на Гудмундсон ќе се најде во борбата за медалите. Доколку загубат и Исланд и Франција, во следната фаза ќе патуваат „триколорите“.

Треба да знаете
Последни објави