Search

Ципрас: Совеста и патриотската должност ми наметнаа да ја искористам историската можност за решавање на името

Ви се обраќам на сите вас и ве повикувам да застанете пред вашата совест, но и пред интересот на земјата и народот, и слободно да дадете јасен одговор, имате доверба во оваа влада или не, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на крајот од неговиот говор на почетокот од расправата за гласање доверба на неговата влада и рече дека токму ова е силата на демократијата која ниту се уценува и на крајот ќе победи.

Грчкиот премиер направи ретроспектива на сето она со кое што се соочила неговата влада во изминатите години, што направила, но и што треба да направи во иднина. Говореше за излез на земјата од кризата, од меморандумската политика и мерките на штедење, ја спомена и мигрантската криза, но и Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Рече дека со промената на власта кај нас и поразот на Груевски се создала голема можност како за Грција, така и за соседната земја, но и за регионот.

-Голема можност да се реши едно историско, политичко и дипломатско нерешено прашање од многу децении. Мојата совест и мојата патриотска должност ми наметнаа да ја искористам оваа историска можност, знаејќи дека ова ќе има политичка цена. Од прв момент заедно со тогашниот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас  со нашите души и ум му се посветивме на големиот обид за решавање на оваа разлика за името на соседната земја, што претставуваше и претставува, доколку и натаму не се реши, голема тежина во дипломатијата и надворешната политика на земјата, но и голем трн за стабилноста на регионот, рече грчкиот премиер.

Ципрас истакна дека во овие напори се посветиле со чувство на одговорност кон историјата, кон националниот интерес, но и со чувство на одговорност кон иднината на земјата и регионот, за да се надгради лидерската улога на Грција на Балканот и во источниот Медитеран.

-Сигурен сум дека ова што го правиме е правилно, бидејќи секогаш она што е национално корисно е правилно. И сум сигурен дека ова што го правиме е патриотско. Бидејќи, како што многу пати имам кажано, патриотизам не е да ја мразиш татковината на другиот, патриотизам е да ја сакаш твојата татковина и да сакаш да ја видиш да оди напред во услови на солидарност и соработка со соседите, но и со меѓународната заедница во целост. Патриотизам не е да бидеш лицемер и опортунист  пред големите национални прашања, рече Ципрас.

Во однос на неговиот, до неодамна, коалициски партнер во владата, Ципрас рече дека несогласувањето на Каменос со владината позиција за сложено име е она што го натера да си замине. Грчкиот премиер истакна дека не се согласува со ставот на лидерот на Независни Грци, но ја почитува неговата позиција, а изрази несогласување во однос на одлуката за повлекување од владата.

-Му кажав и него ќе кажам и јавно. Сметам дека греши, мислам дека не постапува правилно.  Исто така не сметам дека опција како оваа беше неизбежна бидејќи овој избор ја стави, ги стави во опасност, обидите на владата, објасни грчкиот премиер во парламентот, пренесе МИА.

По завршувањето на говорот на грчкиот премиер, расправата продолжи со обраќања на лидерите на политичките партии.

Треба да знаете
Последни објави