Search

Ципрас: „Оруч Рејс” ги крши нашите суверени права

Имаше прекршување на нашите суверени права, „Оруч Рејс” изврши истражувања во делот што ние го сметаме за грчки континентален гребен, рече лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, за време на прес конференцијата во Солун во рамките на „Thessaloniki Helexpo Forum”, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас објасни дека не било кршење на суверенитетот, туку на суверените права на Грција, истакна дека Владата, за време на Самитот на ЕУ следнава седмица, треба да побара санкции за Турција доколку повторно, турски истражувачки брод навлезе во грчкиот континентален гребен.

Тој наведе дека важно е Европа, партнерите на Грција да сфатат дека Турција не и се заканува само на Грција и нема барања само од Грција, туку дека труската стратегија е поврзана и со трговски и економски барања до ЕУ.

– Мојата најголема загриженост е дека Владата се движи со недостиг на стратегија и главно без да му ја кажува вистината на народот, рече Ципрас.

Паралелно порача дека „Владата е должна официјално да информира” и коментираше дека одеднаш, по еден месец „Оруч рејс” се повлече и рече дека се поставува прашањето, дали за тоа, можеби имало некаква размена или едноставно станува збор за одлука на турскиот претседател.

Лидерот на СИРИЗА објасни дека поддржува дијалог со соседна Турција и разговори, но само за единствената разлика што постои, а не и за сивите зони и демилитаризација на островите.

Потсети дека и додека тие беа на власт се соочиле со тешки моменти во грчко –турските односи, а како пример ги спомена бегалската криза, уапсените грчки војници кај Еврос, барањето на Турција за екстрадирање на осумтемина турски војници кои стигнаа во Грција по неуспешниот обид за пуч, но истакна дека „и покрај тешкотиите не запревме никогаш да имаме канали на комуникација”.

Одговарајќи на новинарско прашање дали СИРИЗА е подготвена да се врати на власт и зошто не бара избори, Ципрас објанси дека би било неодговорно од негова страна да побара избори во период кога земјата се соочува со криза.

Денешната прес конференција на лидерот на СИРИЗА беше во рамките на „Thessaloniki Helexpo Forum”, изменетата варијанта на, оваа година поради пандемијата, откажаниот Меѓународен саем што традиционално се одржува секоја година.

Алексис Ципрас речиси четири часа одговараше на прашања на новинарите кои ги опфатија сите области и сите актуелни теми во Грција.

Треба да знаете
Последни објави