Search

Ципрас: Мицотакис да побара од Ердоган Турција да запре со прекршувањата и провокациите

Го повикувам премиерот Кирјакос Мицотакис на средбата со (турскиот претседател Реџеп Тајип) Ердоган да побара да запрат провокациите и прекршувањата што не водат никаде, да се повлече неприфатливиот и правно непостоечки договор со Либија, да прекинат прекршувањата во ексклузивната економска зона на Кипар и секако да се почитува, со добра волја и од двете страни заедничката изјава ЕУ-Турција, порача лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас. На состанокот на пратеничката група на неговата партија, тој се осврна на денешната средба на грчкиот премиер со турскиот претседател, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас ја обвини Владата дека во изминатите пет месеци „се обидува да ги потцени турските провокации на Кипар, во Источниот Медитеран, но и во Егејското Море”, и дека почнала под тепих да ги кријат случувањата и тензијата.

-Целиот овој период Владата реши да ги крие овие провокации, да ги остава без одговор, да не ги активира санкциите против Турција, рече поранешниот грчки премиер.

Ципрас, во говорот пред пратеничката група на СИРИЗА ја коментираше и претходната средба на Мицотакис и Ердоган на 25 септември на маргините на Генералното собранието на ОН во Њујорк, велејќи дека „стана првиот грчки премиер во историјата што се сретна со турски претседател во време на интензивни провокации и прекршувања и не го постави прашањето со провокациите во Егејското Море”.

Поранешниот грчки премиер и лидер на СИРИЗА го спомена и договорот на Турција со Либија велејќи дека грчката влада била целосно изненадена, неподготвена и без план.

Треба да знаете
Последни објави