Search

Цивил: Изборниот процес досега се одвива во мирна и демократска атмосфера

Изборниот процес во целост до последниот ден на предизборната кампањата се одвива генерално мирно и во демократска атосфера во рамки кои се определени во Уставот и Изборниот законик, оцени денеска граѓанската организација Цивил. Сепак од Цивил посочија дека имаат забелешки на повеќе аспекти од овој процес, кои пред се се однесуваат на законската регулатива, на остро изразена родова нееднаквост, помало време за непарламентарните партии и независните кандидати, повреда на право на глас на болните од Ковид-19…

-Главната забелешка се однесува на измените на Изборниот законик кои редовно, па и сега се донесуваат предоцна. Тоа е во дирекна спротивност со повеќепати повторените препораки од ОБСЕ-ОДИХР, како и домашни граѓански организации. Не е препорачливо да се прават измени во изборната регулатива најмалку шест месеци пред избори, рече Џабир Дерала од Цивил презентирајќи го Извештајот од мониторингот на овој процес од страна на оваа граѓанска организација.

Тој сериозни забелешки изнесе кон политичките партии за, како што рече, остро изразена родова нееднаквост. Тие, нагласи Дерала, и во овој изборен процес не најдоа сила да кандидираат поголем број жени. Според него, само 10 посто од сите кандидати за градоначалници се жени.

Друга забелешка се однесува на нерамноправата медиумска застапеност на непарламентарните партии и независните кандидати, што, како што рече е законски овозможен удар врз нив.

Исто така, во Извештајот Цивил бележи и 20 инциденти во предизборната кампања, црна пропаганда на национални теми, политичка злоупотреба на деца, злоупотреба на општествени теми како пописот и пожарот во Ковид болницата во Тетово за политички поени, како и учество на граѓанска организација во политичка пропаганда.

-За случај кој се однесува на граѓанското општество, кој ние го нарековме Аксисос 2017 мониторингот на Цивил, ја алармира јавноста за оваа организација што најави дека ќе го набљудува изборниот процес со 500 или повеќе набљудувачи, а нема веб-страница ниту контакт телефон, ниту транспарентно објавени податоци за финансирање што е законска обврска, рече Дерала.

Тој додаде дека оваа организација објавила повик за регрутирање на набљудувачи само месец дена пред изборите што, како што истакна, е време кое ни од далеку не е доволно да се спроведе селекција на толкав број кандидати.

Цивил забележува, како што истакна Дерала, и дезинформации и манипулации во изборната кампања, преку медиумите и социјалните мрежи.

Во врска со гласањето на заразените со коронавирус, како што истакна тој, на дел од нив им е повредено правото на глас, поради тоа што од 12 октомври не можат да се пријавуваат за гласање.

Треба да знаете
Последни објави