Search

ЦИВИЛ: Говорот на омраза е присутен во предизборните кампањи, институциите да реагираат

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува говорот на омразата, за кој оценува дека е силно присутен во дел од предизборните кампањи и во јавната комуникација во изборен контекст. ЦИВИЛ повторно ги повика институциите, пред сѐ, Државната изборна комисија и обвинителството, како и медиумите и целата македонска јавност најостро да ги осудат и да ги отфрлат сите облици и изрази на говорот на омразата во јавните настапи поединци и групи во земјава. Организацијата потсетува дека патеката од говорот на омразата до кривични дела сторени од омраза е кратка и дека последиците се несогледливи.

Мониторингот на ЦИВИЛ утврдил дека се употребува експлицитен говор на омраза на социјалните мрежи, дел од интернет порталите, како и за време на јавните настани што ги организираат политичките структури што ги поддржуваат и промовираат претседателските кандидати.

„Дел од претседателските кандидати се служат со прикриен, но неретко и отворен говор на омраза. Тоа најчесто се забележува во јавните настапи на кандидатката Гордана Силјановска Давкова и високите претставници на партијата што ја поддржува, ВМРО-ДПМНЕ. И една од навивачките групи е директно вклучена во кампањата со експлицитен и екстремен говор на омраза. Се работи за навивачката група Комити која на денот на централниот промотивен настан на кандидатот Стево Пендаровски повикуваа на протест против промената на името. Истата група, своето присуство на фудбалското игралиште „Борис Трајковски“ во Скопје го искористија за неконтролирано дивеење на трибините, со експлицитен говор на омраза и повици на истребување на цела една етничка заедница. Самиот спортски настан го „зачинија“ и со физички напад врз еден од играчите на ривалскиот фудбалски тим. Единствената казна за овој срамен чин, како што се навестува, ќе биде парична, упатена на ФК Вардар чии фанови се Комитите“, велат од ЦИВИЛ.

Додаваат дека на митингот на кандидатот Стево Пендаровски, поддржан од над триесет политички партии предводени од владејачката СДСМ, еден од присутните на митингот на кој организаторите му обезбедиле микрофон, се заканил со пиштол на Државната изборна комисија. Уште еден пример, велат од ЦИВИЛ, се  групите што се претставуваат под називите „Бојкотирам“ и „Христијанско братство“ кои се служат со жесток говор на омраза, со отворени закани за ликвидација на премиерот Зоран Заев.

На јавниот настан на Демократската унија за интеграција, мониторингот на ЦИВИЛ нотирал екстремно груб настап со говор на омраза на високиот функционер на оваа партија и пратеник во Собранието.

„На крајот од својот говор, Груби го употреби го името и презимето на Блерим Река, ставајќи го во контекст на дел од погребен ритуал, како последен поздрав до починатиот, а кој го преиначи за свои цели, и кој  гласи: „Блерим, син на Хамза, не на Кастриот, туку на Река“ . Настапот на Груби наиде на смеење и очигледна поддршка од партискиот лидер Али Ахмети и на дел од останатите високи партиски функционери и присутните на настанот. Безбројни се пораките и коментарите на социјалните мрежи кои содржат вулгарни, груби и радикални изрази кои претставуваат експлицитен говор на омраза што е забранет со закон“, додаде ЦИВИЛ преку соопштение.

Треба да знаете
Последни објави