Search

ЦИА: Иран сака да ја убие американската амбасадорка во Јужна Африка

Иран размислува за обид за атентат врз американската амбасадорка во Јужна Африка, како претпочитан метод на Иран за одмазда за убиството на генералот Касем Солејмани во јануари, пренесува „Политико“ цитирајќи повеќе извори на разузнавачки служби на САД и документот на ЦИА за глобални закани.

Иако во тоа време Техеран возврати со истрелување ракети врз базите на американската армија во Ирак, американските жртви беа мали, а повеќето израелски и американски разузнавачки служби тогаш изјавија дека веројатно ќе има нови обиди за одмазда.

„Политико“ вели дека американските власти биле свесни за општата закана против амбасадорката Лана Маркс (66) од пролетта. Маркс положи заклетва како амбасадор на САД минатиот октомври. Но, разузнавачките информации за заканата кон неа станаа поконкретни во последните неколку недели, се вели во извештајот, истакнувајќи дека иранската амбасада во Преторија е вклучена во заговорот.

Овој заговор сè уште не е конкретизиран, а Техеран разгледува и други опции за одмазда, стои во извештајот.

Директивата на разузнавачката заедница позната како „ Duty to Warm“ бара од американските разузнавачки агенции да ја известат потенцијалната жртва ако разузнавачките информации укажуваат дека нејзиниот живот може да биде во опасност. Ако се таргетирани претставници на американската влада, во нивните брифинзи и безбедносно планирање се додаваат и веродостојни закани. Маркс е информирана, а заканата е внесена во Светскиот разузнавачки преглед на ЦИА.

Иран со децении оперира со тајни мрежи во Јужна Африка, а „Ал Џезира“ и „Гардијан“ известуваа за неговата тајна мрежа во 2015 година.

Изворите на „Политико“ велат дека Маркс може да биде мета и поради нејзината наводна блискост со Трамп и поради намалените безбедносни мерки во споредба со Европа иако Иран таму извршуваше операции во минатото. Нападот на европско тло во овој момент може да ја поткопа и поддршката на ЕУ за позицијата на Иран во нуклеарниот ќорсокак со САД.

Треба да знаете
Последни објави