Search

Целовечерен фестивал „103 Генерации“ на Канал 103 во МКЦ

Музичкото радио Канал 103 вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар на два подиума организира целовечерен фестивал „103 Генерации” со бендови и музичари од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија, сите со актуелни албумски изданија за 2018 година. Во фоајето на кино „Фросина”, пак, ќе настапат диџеите од Стотројка.

Фестивалот е по повод 27-годишното постоење на Канал 103, а програмата на фестивалот „103 Генерации”, како што наведува МКЦ, е исклучително храбра, напредна, супереклектична и бескомпромисно квалитетна, каква што е и програмската ориентација на радиото.

-Главните адути, поточно хедлајнери на настанот се, несомнено, шведскиот маг на софистицираниот електронски звук „The Field” и британските психоделични гитар-рок херои „The Oscillation”. Тука е и одличниот дарк/минимал/колд вејв тандем од Тирана „I Tpame I Tvrame”, како и домашните миленици на инди/пост-рок публиката „Susijat”. Сите четири имиња во Скопје ќе ги промовираат своите најнови албумски изданија, објавени во 2018 година, што на целиот настан му дава доза на свежина, актуелност и ексклузивност, соопшти организаторот.

Фестивалот ќе се одржува на два подиума. На главната сцена во „Сала 25 мај” (поранешна Дансинг сала во МКЦ) четирите бендови ќе настапат  во живо, а на втората сцена во фоајето на кино „Фросина” ќе настапат диџеите на Канал 103: Виолета Качакова, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ, Мирко Попов и Андреа Салпе.

Треба да знаете
Последни објави