Search

ЦГК: Се зголемува активната транспарентност на институциите, но се уште е на ниско ниво

Активната транспарентност односно проактивно објавување на информациите на министерствата и на општините и во 2019 година останува на ниско ниво, иако е порасната во однос на лани. Процентот на исполнетост на обврските за проактивно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 56 отсто и е зголемен за 12,5 процентни поени во однос на лани кога просечно изнесуваше 43,5 отсто, покажува најновото рангирање и анализата на 97 институции според т.н. активна транспарентност што го објави Центарот за граѓански комуникации.

Рангирањето на институциите според Индексот на активна транспарентност се однесува на проактивното објавување информации од јавен карактер изработен во март 2019 година, во кое се вклучени сите министерства, Владата и општините.

– Трета година по ред, проактивното објавување информации на министерствата е во пораст и тие се значително подобри од општините кои, пак, по двегодишно влошување, првпат бележат подобрување во активната транспарентност. Просечната активна транспарентност на министерствата изнесува 77,6 отсто, додека на општините 51,7 отсто, се вели во соопштението од Центарот за граѓански комуникации.

Според овој индекс и анализа Битола го задржува севкупното прво место од лани, додека од министерствата, годинава најдобро рангирано е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на второто место. Во однос на регионите, Источниот Регион му го зазеде ланскиот примат на Пелагонискиот Регион, додека Скопскиот Регион падна на последното место.

– Најмалку информации, и министерствата и општините, објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 57 отсто, а општините само 26 отсто од информациите што треба да ги објавуваат. Кога станува збор за одговор на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со иста содржина, општините одговорија во просек за 21 ден, лани за 20 дена, а министерствата за 34 дена, лани за 41 ден. Но, за разлика од лани кога одговорија сите институции, годинава дури 12 отсто од институциите не одговорија на барањата, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Индексот на активна транспарентност се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Треба да знаете
Последни објави