Search

Царовска во Битола: Просечната пензија идната година се зголемува на 15.500 денари

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретна со пензионерите во Битола. На средбата разговараа за претстојното зголемување на сите пензии за 700 денари во јануари 2020 година, за следните усогласувања во текот на идната година, но и за развој на социјални услуги на локално ниво како што е нега за стари лица во домашни услови.

“Од идниот месец сите пензии во државата ги зголемуваме за 700 денари коишто ќе влезат во основицата на пензијата. До крајот на годината пензиите ќе се усогласат за уште 160 до 200 денари што значи дека во 2020 година пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Со ова покачување во 2020 година просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или за три години просечната пензија ќе се зголеми за вкупно 1.746 денари”, рече Царовска.

Царовска истакна дека дополнителното трето покачување се прави законски и плански со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем, но и во услови кога имаме раст на економијата и раст на минималната плата за 15 % и за 5 проценти на просечната плата. Илија Ивановски, заменик директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување истакна дека: „Со пензиската реформа само за една година направивме заштеда во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 3 милијарди денари, а приходите на Фондот за ПИО се зголемени за 10%. Пензиите се покачуваат во време кога 11 месеци по ред пензиите се исплаќаат без позајмици и кога спроведувањето на пензиската реформа даде одлични резултати”, рече Ивановски. Претседателката на Сојузот на здрженија на пензионери Станка Трајкова рече дека зголемена пензија ќе добијат над 320 илјади пензионери. Претседателот на Здружението на пензионери на Битола Томе Димитровски истакна дека Битола е град со над 18.000 пензионери, а повеќето од нив добиваат просечна пензија.

Просечната пензија со последното покачување годинава во септември изнесуваше 14.598 денари, а во 2016 година 13.754 денари. Посетата на Битола министерката Царовска ја искористи и за средба со корисниците на Регионалниот ресурсен центар за лица со попреченост и Домот за стари лица Сју Рајдер.

Треба да знаете
Последни објави