Search

Царинската управа домаќин на 32-от состанок на координаторите за царински транзитни постапки на ЕУ и земјите кандидати

Во Скопје денеска државите што ја применуваат постапката на заеднички транзит на ЕУ, меѓу кои и Северна Македонија, се состанаа на 32-от состанок на заедничките комитети Конвенциите за заеднички транзит (NCTS) и поедноставување на формалностите за трговија со стока.

Како што соопшти Царинската управа, состанокот на ниво на транзитни координатори и директори на Царинските управи се одржува еднаш годишно на високо ниво на кој се расправа за низа прашања поврзани со слободното движење на стоки и транзитот во ЕУ и државите што го користат Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС).

На состанокот на кој учествуваа и земји набљудувачи, присутните претставници го усвоија Извештајот од претходниот 31-ви состанок и расправаа за предлогот на измени на Конвенцијата за заеднички транзит поврзани со измените на одредени нови одредби од законодавството на Унијата.

Европската комисија информираше и за измените предвидени за 2020 година, што ќе регулираат прашања околу општа гаранција, изземање од обврска за поднесување на гаранција, взаемна соработка околу наплата на побарување поврзано со царински долг.

Споделените информации вклучија и известување околу функционирањето на Новиот систем за заеднички транзит (NCTS) и околу периодот на спроведувањето на фаза 5 (2021-2023) која е веќе договорена од земјите членки во рамки на работната програма за Царинскиот закон на Унијата.

Европскиот транзит или заедничкиот транзит е една од најважните придобивки на Европската царинска унија. Членки на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка се сите 28 земји членки на ЕУ, четирите земји членки на ЕФТА, Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн, Турција, Република Северна Македонија и Србија. Република Северна Македонија од 1 јули 2015 год. стана 34-тата земја членка на оваа конвенција и е дел од овој единствен царински систем во кој нашите царински испостави рамноправно ќе учествуваат заедно со околу 3.000 царински испостави од земјите членки. Секоја година бројот на камиони што ја користат оваа постапка постојано се зголемува.

Северна Македонија ги презентираше предностите што во земјата се применуваат со воведената постапка на заеднички транзит и достигнатиот развој во нејзина примена, како една од најсовремените алатки за олеснување на трговијата и интеграцијата на заедничкиот европски пазaр.

Треба да знаете
Последни објави