Search

Царината заплени стотина штеки цигари

Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  цигари, инсектициди, хербициди, автоделови, алати, мопед, облека, очила, козметика, парфеми, тоалетни води, смартфони, девизи и фалсификати.

– 60 штеки цигари марка Marlboro без акцизни маркички откриени при контрола на косовски камион, натоварен со овошје и зеленчук, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените цигари, пронајдени во две прегради за алат што се наоѓаат од надворешните страни на кабината, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 41 штеки цигари, откриени во три одвоени случаи на граничниот премин Блаце, при контрола на три косовски автомобили, пријавени за влез во државата.

Во првиот случај, во багажникот, во торби на сопатничка во возилото, биле пронајдени 26 штеки цигари Winston со косовски акцизни маркички, од кои една штека ѝ била вратена на патничката, а 25 штеки биле привремено задржани.

Во вториот случај, во торбите на патник во возилото, сместени во багажникот, биле пронајдени 10 штеки цигари Winston со македонски и косовски акцизни маркички, од кои 1 штека му била вратена на патникот а 9 штеки биле привремено задржани.

Во третиот случај, исто така во багажникот, во торби на сопатничка во возилото, биле пронајдени 8 штеки цигари Ronhill и Winston без акцизни маркички, од кои 1 штека ѝ била вратена на патничката, а 7 штеки биле привремено задржани.

Во сите три случаи против сопствениците на непријавените цигари ќе бидат поведени прекршочни пријави.

– 6 штеки цигари марка Marlboro без акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил со кој за влез во државата на граничниот премин Меџитлија, се пријавиле двајца македонски државјани. Непријавените цигари, пронајдени под патосницата пред совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

 

Треба да знаете
Последни објави