Search

Царината го заокружува проектот за јакнење на капацитетите и најавува друг – за компјутерски податочен центар

Зголемени приходи, откривање и спречување измами преку таргетирани контроли, поедноставени и поефикасни процедури, зајакнат административен капацитет, поголема операбилност, натамошно усогласување на домашното со европското законодавство и доближување на земјава до пазарот на ЕУ и Царинската унија, се резултатите што ги постигна Царинската управа во соработка со австриските и литванските институции, преку проектот поддржан од Европската унија кој се спроведуваше изминатите 27 месеци.

Проектот почна во 2017 година, а ќе заврши овој месец. За него од ЕУ беа обезбедени 1,6 милиони евра.

-Целта беше спроведување реформи за спречување на незаконското тргување, олеснување на трговијата и поедноставување на процедурите. Главен акцент ставивме на подигнување на капацитетот на вработените, на унапредување на нивните вештини, но и на нивно поврзување со колегите од царините во земјите – членки на ЕУ, истакна директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски на завршниот настан.

Со проектот, дополни директорот, се реализираа четири компоненти: контрола на царинењето и ревизија, управување со ризик, обезбедување опрема за царинска лабораторија и обуки.

Според австрискиот амбасадор, Георг Вуцас проектот уште еднаш ја покажа заложбата на Австрија за Северна Македонија. Тој и во оваа прилика изрази жалење што Европскиот совет не донесе одлука за почетокот на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

-Се надеваме дека ќе има ваква одлука и дека преговорите ќе почнат во наредниот период. Секогаш можете да сметате на нас како партнер. Северна Македонија припаѓа на ЕУ. Унијата нема да е комплетна без овој регион, потенцира Вуцас.

Амбасадорот и директорот Танасоски најавија нов проект за 2020 година со кој земјава, како што рекоа, уште повеќе ќе се доближи до барањата и стандардите на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави