Search

Хрватскиот државен врв на комеморација за жртвите во Вуковар

Неколку десетици илјади граѓани, заедно со хрватското политичко раководство, денеска во Вуковар учествуваа на одбележувањето на 28-годишнината од страдањето на овој хрватски град во тримесечната опсада на припадници од тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) и српски паравоени формации.

Годинава, комеморацијата на Денот на сеќавањето на жртвите од Вуковар во 1991 година се одвива под слоганот „Вуковар – место со посебен пиетет“.

Собирот почна во кругот на вуковарската болница, од каде што поворката, предводена од хрватски воени ветерани и членови на семејствата на загинатите и исчезнатите, мина низ централните градски улици до 5,5 километри оддалечените Меморијални гробишта за жртвите во татковинската војна, каде што беа поставени венци.

Во колоната беа и хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, и премиерот Андреј Пленковиќ, како и многубројни хрватски министри. По мисата, државните делегации положија венци и кај спомен-обележјето на местото на масовната гробница кај Овчарa, јавуваат хрватските медиуми, a пренесе „Танјуг“.

Во 1991 година, од август до ноември, Вуковар беше под опсада на ЈНА и паравоените српски формации 87 дена. Според официјалните хрватски податоци, за време на тримесечната опсада загинале 2.700 хрватски бранители и цивили, а повеќе од 2.500 биле ранети.

Речиси 5.000 луѓе биле однесени во логори во Србија, а приближно 22.000 Хрвати и друго несрпско население биле протерани од градот. Околу 300 лица и натаму се водат како исчезнати.

Секој ден околу 7.000 гранати паѓале врз овој град предизвикувајќи уништување на речиси 90 проценти од градските згради.

Треба да знаете
Последни објави