Search

Хрватска сè повеќе потпаѓа под руско влијание

Во последниве денови, интензивно се појавуваат шпекулации за јакнење на руското влијание во Хрватска, а следствено и во Европската унија. Русија со една нога влезе во Унгарија благодарение на Виктор Орбан, за чие недолично однесување Европската унија има се помалку трпеливост и е принудена да бара нови сојузници. Русите, се разбира, секогаш се заинтересирани да застанат и со другата нога на тлото на ЕУ, и се чини дека вратата во Хрватска им е отворена.

Постојат три клучни моменти преку кои може да се препознае јакнењето на руското влијание во Хрватска.

ППД влезе во Фортенова

Последниот се случи пред неколку дена кога „Прво плинарско друштво” (ППД) купи 6,4 проценти од акциите на Фортенова групата, наследник на Агрокор. За ППД со години се шпекулира дека зад него стои руски капитал, и ако тоа случајно не е точно, Русите преку ППД имаат големо влијание врз хрватскиот енергетски сектор. Имено, ППД плинот го купува директно од Русите и со нив потпиша долгорочни договори, а за само неколку години успеа да го заземе поголемиот дел од хрватскиот пазар на гас.  Хрватска е веќе зависна од гасот на ППД, а сега и на голема врата влезе и во многу важен сектор за производство и трговија со храна.

Тодориќ обвинува за фаворизирање на Русите

Поранешниот сопственик на „Агрокор”, сегашна Фортенова, Ивица Тодориќ, исто така предупредува за руско преземање на прехранбениот сектор. Минатата недела тој искористи целата прес конференција за да го обвини премиерот Андреј Пленковиќ дека соработува и им помага на Русите. Иако Ивица Тодориќ, поради неговите сериозни проблеми со законот не е најсигурна личност, неговите тврдења за тоа дека руските банки во Фортенова добиле несразмерно голем дел од сопственоста треба да се сфатат сериозно.

Добиле повеќе отколку што им припаѓа ?

Тодориќ тврди дека Русите требале да добијат многу пати помалку затоа што долговите кон домашните добавувачи и банките биле повисоки отколку кон Русите. Но, Тодориќ исто така тврди и дека Агрокор немал никакви проблеми  па затоа неговите зборови треба да се земат со зрно сол. Факт е, сепак, дека Русите го освоија најголемиот домашен синџир за малопродажба и оти контролираат значителен дел од производството што го имаше „Агрокор”, а со влегувањето во ППД, нивното влијание е уште поголемо.

Советникот на Готовина смета дека судењето на Санадер не било фер

Теодор Карасик, експерт за безбедност во Институтот Лексингтон и поранешен вработен во тинк тенкот РАНД, предупредува на трет настан важен за ширењето на руското влијание. Во напис за „Евроњуз”, Карасик ја поврзува пресудата за Иво Санадер во случајот „Ина-МОЛ” со Русите. Според анализата што со соработниците ја изработи Каи Амбос, поранешен хашки судија судија, а подоцна советник на адвокатските тимови на генералите Готовина и Чермак, судењето на Санадер не било фер. И тоа беше, тврди тој, под руско влијание.

Му поверуваа на Јежиќ

Сомнително им е тоа што целосна доверба му е дадена на Роберт Јежиќ, чие сведочење е докажано како неверодостојно на арбитражните судови, а кој и самиот има интереси поврзани со рускиот енергетски сектор. За време на судењето, сведоците дури тврдеа дека петте милиони евра на сметката на Јежиќ не доаѓаат од МОЛ, туку од Русите како награда за лобирање за одамна замрениот проект Дружба Адриа. Судот ги отфрли сите тие тврдења речиси без разгледување и му веруваше на Јежиќ.

– Накусо, тој извештај дава алармантни докази за корумпираноста на хрватското судство под се посилното руско влијание, заклучи Каи Амбос.

Путин го повика Милановиќ на прослава на Денот на победата

Како шлаг на тортата дојде телефонски повик од Владимир Путин до избраниот претседател Зоран Милановиќ. Со љубезна честитка пред инаугурацијата, Путин го покани Милановиќ да го прослави Денот на победата во Москва, а таквите покани не се испраќаат без врска.

Треба да знаете
Последни објави