Search

Хрватска станува сè поскапа за летување: Хамбургер од 22 евра, капучино 6 евра

Хрватска ја дели судбината со повеќето медитерански земји кои се борат со падот на побарувачката во однос на лани и поради тоа ги намалија цените дури и до 20 отсто, па поскапувањето од 12,7 отсто во Задар и тоа како го привлече вниманието.

Седумдневен одмор во Задар е поскап отколку на пример во Пафос на Кипар, Мармарис во Турција, Мајорка и Коста дел Сол во Шпанија, како и во бугарското одморалиште Сани бич, покажа истражување што го спроведе британскиот таблоид „Сан“.

Хрватскиот „Вечерњи лист“ наведува дека во Хрватска може да се летува за помалку од 3.500 евра, односно колку што „Сан“ процени дека ќе чини летување од 7 дена во Хрватска. Весникот наведува дека јадранските цени се посебна приказна и речиси да нема некој кој летувал во Хрватска, а дома да не се вратил со чувството дека нешто некаде платил прескапо.

Капучино од 6 евра, килограм грозје 10 евра, хамбургер 22 евра, сендвич од 13,5 евра се само некои од летните цени на Јадранот, пишува „Вечерњи лист“.

Напумпаните цени, оценува „Сан“, се дел од јадранскиот фолклор, но за директорот на Хрватската организација за туризам, Вељко Остојиќ, вистината за цените има повеќе лица.

„Секоја споредба со конкуренцијата е добро за да ни го покаже контекстот на пазарот на кој сите заедно работиме. Иако не би требало да се бориме со цените туку со квалитетот, кој дозволува нешто повисоки цени, не смееме да дозволиме перцепцијата за Хрватска да биде дека сме прескапи. Мора да бидеме свесни дека имаме највисок БДП на Медитеранот и дека во тие услови имаме многу ограничен маневарски простор кај одредување на цените“, рекол Остојиќ

Треба да знаете
Последни објави