Search

Храбра игра на Македонија и минимален пораз од Црна Гора

И во вториот натпревар од ЕХФ Евро купот македонската женска ракометна сениорска репрезентација загуби од Црна Гора овојпат во Никшиќ со 31:30.

Во однос на првиот меч во Скопје каде што избраничките на селекторот Љубомир Савевски претрпеа убедлив пораз од 21:29, овојпат и без едни од најдобрите ракометарки како Сара Ристовска и Елена Ѓорѓиевска, се покажаа во многу подобро светло и уште еден доказ дека во состав има иднина, со перспективни и талентирани ракометарки.

Во текот на првото полувреме трипати водевме со два голови разлика (3:5, 4:6, 5:7), но после тајмаутот на Бојана Поповиќ нејзините репрезентативки направија серија од 6:1. И покрај тоа, Македонија се враќаше, иако имаше негатива неколку пати од „минус два“, на пауза се избори за нерешени 16:16.

На стартот од вториот дел повторно држевме резултатска контрола, овојпат од „плус еден“ (16:7, 17:18, 18:19), но повторно не ја задрживме предноста.

Држевме егал до 21:21, по што настапи нова низа на погодоци на домашната селекција од 6:0, но ние веднаш возвративме со пет голови во серија за неизвесен финиш, само 27:26 имаа Црногорките. И двете селекции играа „топло-ладно“ во завршните минути, прво се дозволи противникот да се одвои на „плус четири“ (31:27), па до крајот на средбата врзавме три голови, но и без доволно време за целосен пресврт.

Во победничките редови екс членот на ЖРК Вардар, Радичевиќ реализираше девет голови, а еден помалку на спротивната страна запиша Јанкуловска.

Треба да знаете
Последни објави