Search

Хоџај: Членките на ЕУ кои го немаат признаено Косово придонесуваат за дестабилизација на Балканот

Потпретседателот на косовската Влада, Енвер Хоџај смета дека петте држави членки на Европската унија кои се уште ја немаат признато независноста на Косово придонесуваат за дестабилизацијата на Балканот.

Реакцијата на Хоџај уследи по изјавата на словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак дека Приштина ја нема поддршката на сојузниците во ЕУ за формирање војска на Косово.

– Позицијата на ЕУ е јасна и војската на Косово треба да се формира во координација со институциите и според Уставот на Косово, нешто што Косово моментално го нема, изјави Лајчак.

По ова, актуелниот вицепремиер и поранешен шеф на косовската дипломатија му порача на Лајчак дека не треба да го загрижува практикувањето на суверенитетот на косовската држава, туку тоа што пет членки на ЕУ, меѓу кои и Словачка, се уште не ја признаваат независноста на Косово.

Хоџај на својот Твитер напиша дека главна грижа на тие држави треба да биде признавањето на косовската независност, а не суверените одлуки на една независна држава, каква што е Косово.

– Државите членки на ЕУ кои неправедно доцнат со признавањето на независноста на Косово придонесуваат за дестабилизација на регионот. Тие не треба да се грижат за внатрешните работи и одлуки на Косово. Проблем е непризнавањето, а не практикувањето на сувереноста од страна на Косово, порача Хоџај.

Усвојувањето на пакетот од три закони, со кои сегашните Безбедносни сили (ФСК) практично ќе се трансформираат во војска на Косово, ќе се најде на дневен ред на косовското Собрание в петок, на 14 декември.

Се очекува законите за ФСК, за Министерството за одбрана и за службувањето во ФСК, откако ги поминаа претходните законски процедури, да бидат изгласани од сите парламентарни партии во Собранието на Косово, освен од партијата на косовските Срби, Српската листа.

Институциите во Приштина веќе имаат најавено манифестации за прослава по повод формирањето на косовските вооружени сили.

Треба да знаете
Последни објави