Search

Хотелиерите задоволни од изминатата туристичка сезона

Измината туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера помина добро. Има зголемување на бројот на туристи во однос на 2017 година, а имаше период кога сместувачките капацитети на крајбрежјето беа исполнети до последното легло, истакна претседателот на Асоцијацијата на хотелиери на Македонија – ХОТАМ Крсте Блажески.

И годинава најбројни биле гостите од Холандија, а голем интерес имало и од Полските туристи.  Неизостануваат ниту Изралеците, Норвежаните, Скандинавците, а годинава поголем интерес покажале Белгијците. На крајбрежјето, според Блажески, имало гости и од Турција, Кина и Јапонија, кои најчесто го посетуваат регионот преку кружните тури, остануваат по два дена, со тенденција да се задржат подолго или Македонија да им стане дестинација.

-Годинава имавме 10 отсто повеќе Холанѓани во однос на лани. Очекуваме зголемување и во 2019 година. Имаме позитивни разговори со тур операторот Корендор, кај кој постои интерес за секојдневни чартер летови до Охрид, но сметам дека и Туј ќе прифати за редовни линии секој ден, со што до 2020 година ќе дојдеме и до 14 летови неделно, вели Блажески.

Дваесетина дена во шпицот од летната туристичка сезона, нагласи, немало празни места во високо категоризираните хотели, што според него, е  показател дека ни недостасуваат сместувачки капацитети.

-Треба да се планира изградба на сместувачки капацитети со четири и пет ѕвезди. За тоа треба да се изнајде начин за субвенционирање од општините или државата со цел да се олесни градењето на повеќе високо категоризирани хотели, смета Блажески.

Потсети дека на охридско-струшкото крајбрежје му е потребен детален урбанистички план од Свети Наум до Радожда, да знаат инвеститорите каде ќе може да се гради, но и да се запази соодносот од 1:3 на хотелски соби и приватни апартмани.

– Премногу приватни апартмани доведува до опаѓање на квалитетот на туристичката дестинација. Доколку сакаме да ги задржиме гостите, кои сакаат сместување во хотели со четири и пет ѕзвезди, треба да има поголем број хотелски соби од тој ранг. Во моментот имаме под 4.000 хотелски соби и не смееме да дозволиме да бидат изградени повеќе од 12.000 апартмани и станови за издавање во Охрид и Струга, изјави Блажески.

За подобра туристичка сезона, позитивна слика кај туристите, но и нивната безбедност, првиот човек на хотелиерите на Македонија,  смета дека е потребно итензивирање на работата на автопатот Кичево – Охрид, со акцент на забрзување на градежните работи од Охридскиот аеродром до Охрид и Струга

-Да заврши што побрзо делницата од аеродром до Охрид. Ако се работи убаво до летната туристичка сезона може да се изгради овој дел, кој е многу опасен. Апелирам до надлежните да забрзаат прво тука со работа, а потоа да се продолжи кон Дебрца, нагласи Блажески, потсетувајќи дека 80 отсто од туристите доаѓаат со авион.

Треба да знаете
Последни објави