Search

Хорор во Струмица: Дилер на девизи убиен, ограбен, ставен во буре и потопен во Турија

Струмичанецот Ристо Илјашев, чие тело беше пронајдено завчера во вештачкото езеро Турија бил убиен, информираше МВР. За убиството е осомничен М.В. од Добрејци, кој го искористил долгогодишното познатство со Илјашев и на подмолен начин го убил,  при што трагите од извршениот грозоморен чин се обидел да ги сокрие така што телото на жртвата го ставил во метално буре и го потопил во вештачкото езеро „Турија“ во Струмица.

-По добиената пријава за исчезнување на Ристо Илјашев од Струмица на 07.05.2019 година, Одделението за криминалистичка полиција при СВР Струмица, во содејство со Единицата за имотен и насилен криминал од Секторот за општ и насилен криминал при МВР, ОКТИВ при МВР и Институтот за Судска медицина во Скопје, а по насоки од надлежното обвинителство во Струмица, превзедоа бројни активности се со цел расветлување на случајот. По превземените активности на против М.В. (52) од село Добрејци беше поднесена кривична пријава за убиство. Судија за претходна постапка во ОС Струмица на осомничениото лице му изрече мерка притвор во траење од 30 дена. По наредба на јавен обвинител  беа превземени повеќе дејствија, извршени се претреси  на повеќе локации, организирана е опсежна потрага по лицето особено во реонот на браната Турија, каде е забележано возилото на осомничениот.  Обезбедени се и други материјални докази. Дополнително во работилницата сопственост на осомничениот во село Добрејци пронајдени се биолошки траги кои потекнуват од жртвата, велат од МВР.

Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот убиец.

Според Обвибителството, осомничениот на 7.05 се понудил да го превезе со својот автомобил „фиат пунто“. Од тој момент на Илјашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице.

-По наредба на јавен обвинител, беа преземени повеќе дејствија, беа извршени претреси на повеќе локации и беше организирана опсежна потрага по исчезнатото лице, особено во реонот на браната Турија, каде што било забележано возилото на осомничениот. Притоа, со обезбедените снимки од видео надзорот на околни објекти е утврдено дека Илјашев на критичниот ден се качил во автомобилот на осомничениот во Струмица, иако осомниченото лице во своите искази дава контрадикторни информации за тоа дали го превезувал оштетениот. Дополнително, во работилница во сопственост на осомничениот во село Добрејци беа пронајдени биолошки траги кои потекнуваат од жртвата. На 20 јуни во водите во близина на браната беше пронајдено буре во кое се наоѓало тело на починато лице. Со цел да се задржи под водата, бурето било оштетено и во него биле поставени тегови. По наредба на јавен обвинител, беше извршена ДНК анализа со која се утврди дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, а кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе на денот кога исчезнал.
Основното јавно обвинителство Струмица нареди обдукција на починатото лице, вештачење на неговата облека и на предметите пронајдени во бурето. Се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на настанот, велат од ОЈО.

Поради опасност осомничениот да се даде во бегство или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Струмица достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Ваквиот предлог беше прифатен од страна на судот и на лицето му беше определен притвор.

Треба да знаете
Последни објави