Search

Хоровиц на распит за извештајот на ФБИ за руското мешање во изборите во САД

– Генералниот инспектор на американското Министерство за правда, Мајкл Хоровиц, денеска дава искази во Сенатот за неговиот извештај за истрагата на ФБИ за врските на изборниот штаб на Доналд Трамп со Русија.

Во извештајот, нарачан од државниот обвинител и од некои законодавци, Хоровиц тврди дека иако имало сериозни пропусти во истрагата на Федералното биро за истраги (ФБИ), таа не била мотивирана од политички причини.

Како што денеска објави „Вашингтон пост”, Хоровиц сведочи пред Одборот за правосудство на Сенатот, контролиран од републиканците, по објавениот извештај во понеделникот – опширна анализа од 434 страници на истрагата на ФБИ, за врските на Трамп со Русија, која почна во 2016 година.

Во него се отфрлени постојано повторуваните тврдења на претседателот Трамп дека истрагата била политички „лов на вештерки” за негово отстранување од власта.

Претседателот Трамп го критикуваше директорот на ФБИ, Кристофер Реј кој во телевизиско интервју рече дека истрагата била отворена со соодветно овластување. Реј забележа дека Хоровиц посочил и на бројни грешки направени во истрагата на ФБИ.

Извештајот беше предмет на разногласија помеѓу претседателот Трамп, државниот обвинител Вилијам Бар, директорт на ФБИ, и самиот Хоровиц. Законодавците меѓудругото, го испрашуваат и за тоа зошто се појавиле овие разногласија.

Така на пример Бар, во телевизиско интервју завчера рече дека ФБИ можеби „избрзало” со покренувањето истрага за поврзаност меѓу Русија и кампањата на Трамп. Тој нагласи дека од страна на ФБИ имало злоупотреби и несоодветно однесување што не треба да се толерира.

Во извештајот Хоровиц, напротив, вели дека ФБИ со право ја почнало истрагата за евентуалната руска вмешаност и дека имало доволно докази за да се одобри таква истрага.

Во своето опширно воведно излагање на распитот денеска, претседателот на одборот, републиканецот Линдзи Греам, го искритикува ФБИ за тоа како ја воделе истрагата за вмешаноста на Русија, оценувајќи ја одлуката за тоа како „грешка во системот”.

– Високи функционери едноставно го зеле законот во свои раце… како да живееме во епохата на (озлогласениот прв директор на ФБИ) Џеј Едгар Хувер, истакна Греам.

Истрагата на ФБИ за врските на Трамп со руски агенти почна во јули 2016, по дојавите до ФБИ дека вработени во предизборната кампања на Трамп, како советниците Картер Пејџ и Џорџ Пападопулос, тврделе дека Русија им понудила информации штетни за Хилари Клинтон, тогашен демократски противкандидат, за победа на Трамп на изборите во ноември истата година.

Треба да знаете
Последни објави