Search

Хондурас ќе ја премести амбасадата во Ерусалим до крајот на 2020 година

Претседателот на Хондурас, Хуан Хернандез, изјави дека земјата се надева оти ќе ја премести својата амбасада во Ерусалим до крајот на оваа година, пренесува „Анадолија“.

Хернандез изјави на Твитер дека телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „за да го зајакнеме нашиот стратешки сојуз и да се согласиме да ги отвориме амбасадите во Тегусигалпа и во Ерусалим“.

„Се надеваме дека ќе го направиме овој историски чекор пред крајот на годината сè додека тоа го дозволува пандемијата“, додаде тој, истовремено честитајќи му на Нетанјаху за потпишувањето на договорите за нормализација на Израел со Обединетите Арапски Емирати и со Бахреин на почетокот на овој месец.

Како одговор, Нетанјаху изрази благодарност за солидната поддршка од Хондурас за Израел.

Во моментов има две странски амбасади во Ерусалим: оние на САД и на Гватемала. Неколку земји ветија дека ќе ги пренесат своите амбасади во Ерусалим, вклучувајќи ги Бразил, Унгарија, Молдавија, Романија и, од неодамна, Србија и Косово.

Треба да знаете
Последни објави