Search

Холандија го блокира приемот на Бугарија во Шенген зоната, Софија со остра реакција

На состанокот на Советот на Европската Унија кој ќе се одржи следната недела во Брисел, Холандија нема да го поддржи барањето на Бугарија за влез во Шенген зоната, објавија холандските медиуми.

Холандската администрација претходно донесе одлука да го поддржи пристапувањето на Романија и Хрватска во Шенген, притоа блокирајќи ја Бугарија.

Холандската влада која вчера донесе одлука да го блокира влезот на Бугарија во Шенген зоната, смета дека оваа земја се уште не ги исполнува потребните услови за членство во зоната.

Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра по владиниот состанок изјави дека се уште е „прерано“ да се постигне согласност за пристапување на Бугарија. Тој не ја исклучи можноста Холандија да ја преиспита својата одлука кога ќе стане јасно дека Бугарија е способна да се бори против корупцијата и организираниот криминал.

Одлуката да не се поддржи влезот на Бугарија во Шенген не е политичка, изјави холандскиот премиер Марк Руте, додавајќи оти таа се заснова на факти. Руте изрази загриженост дека пристапувањето на Бугарија во Шенген зоната може да предизвика прилив на илегална миграција, а според него, Холандија не е единствената земја која има сомнежи во врска со ова прашање.

Ваквата одлука на холандската влада, претседателот на Бугарија Румен Радев на својот фејсбук-профил ја коментираше со зборовите: „Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам.“

„Неодамна тројца бугарски полицајци загинаа чувајќи ја надворешната граница на Европската Унија. Премиерот на Холандија, Марк Руте, недозволиво предложи оваа граница да се помине за 50 евра. Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам!, пишува бугарскиот претседател на Фејсбук.

Реагираше и в.д. министерот за правда на Бугарија, Крум Зарков, кој му порача на холандскиот премиер Руте да биде внимателен, оти ставот на Холандија не е став на целата ЕУ.

„Бугарија ќе влезе во Шнеген за неколку дена или за неколку месеци. Претседателот остро и навреме реагираше. Руте предложи за 50 евра границата да се помине. Бугарите загинаа за да не чуваат само нас, туку и нив. Руте да се биде внимателен. Она што го кажа тој не е став на Европа, изјави бугарскиот в.д. министер за правда, додавајќи дека Европскиот парламент и сите земји членки освен една се на страната на Бугарија.

Треба да знаете
Последни објави