Search

ХЕРА до изборните кандидати: Имањето погрешни информации е подеднакво опасно како и немањето информации

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА апелира до сите кандидати и кандидатки од политичките партии, како и до сите чинители кои се влучени во кампањите за предвремените парламентарни избори да користат јасни недвосмислени пораки и точни информации кога станува збор за сеопфатното сексуално образование (ССО).

-Веќе неколку години наназад ХЕРА активно се залага за воведување на сеопфатното сексуално образование во образовниот систем затоа што претставува учење за когнитивниот, емоционалниот, социјалниот и физичкиот аспект на сексуалноста, а не само за биолошките аспекти на сексуалноста и за превенцијата од сексуално преносливите болести и бременоста, стои во соопштението од ХЕРА.

Сеопфатното сексуално образование, како што посочуваат од ХЕРА, ги вклучува сите културолошки, психо-социјални и емоционални аспекти на сексуалноста, вклучително и задоволството и сексуалната различност, кои претставуваат основа за развојот на една здрава и толерантна млада личност. Преку него младите се запознаваат со темите како род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти.

-Кога се едукацијата и квалитетното образование во прашање, младите имаат право да бидат навремено и правилно информирани. Имањето погрешни информации е подеднакво опасно како и немањето информации. Оттука, праќањето на нејасни пораки за ССО, особено од страна на носители и кандидати за јавни функции, создава конфузија и ги поткрепува – наместо да ги поткопува – митовите, стереотипите и предрасудите за сензитивните теми што тоа ги опфаќа, се наведува во соопштението.

Имајќи ја предвид важноста на сеопфатното сексуално образование, но и одговорноста и обврските што произлегуваат од секој јавно кажан збор, од ХЕРА го поздравуваат обидот да се актуелизира ССО како тема во јавноста, но апелираме до сите носители и кандидати за јавни функции своите ставови и мислења да ги засноваат на научно докажани факти и сознанија и да консултираат стручна и релеватна литература, како и граѓански организации кои долго време работат на оваа тема.

-Само со испраќање точни и прецизни пораки во врска со сеопфатното сексуално обрзование ќе можеме да ги подготвиме и оспособиме младите луѓе со информации, вештини и позитивни вредности за да можат да преземат одговорност за сопственото, но и за туѓото здравје и благосостојба и да направат подобар избор кој ќе им го подобри квалитетот на живеење и ќе придонесе кон подобро и поправедно општество, велат од ХЕРА.

Во таа насока, бараат од кандидатите, кога веќе јавно го препознаваат ССО како важно, да се заложат за негово воведување како изборен предмет во основното и средното образование и така да придонесат кон квалитетно образование без кое младите не би можеле да имаат достоинствен живот.

Треба да знаете
Последни објави