Search

Хардаљас: Маската задолжителна и надвор во случај на турканици

Маската е задолжителна во затворените простори во цела Грција, но и надвор кога има турканици, порача заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на денешната редовна прес конференција за ситуацијата со коронавирусот во земјата и објасни во кои случаи, маската е задолжителна, па дури и во фитнес центрите, јави дописничката на МИА од Атина.

Од понеделникот, регионите во Грција се поделени во зависност од степенот на опасност: готовност, надзор, зголемен надзор и зголемена опасност, па така Хардаљас истакна дека во фитнес центрите што се во деловите на земјата во втората и третата зона, маската е задолжителна при влезот, при чекањето и во соблекувалните, но и за време на вежбањето во група кога не може да се одржи растојание од два метри.

За угостителските објекти објасни дека за регионите во првата зона дозволено е да работат со 80 отсто од капацитетот, од втората зона со 65 проценти, а од третата зона, во која е и Атина со половина од предвидениот капацитет.

Во зависност од зоната, одредено е и работното време на кафулињата и угостителските објекти, односно задолжително затвораат на полноќ, половина час по полноќ или пак еден час по полноќ.

Во однос на училиштата, Хардаљас рече дека еден месец од почетокот на учебната година, епидемиолошките податоци покажуваат дека не постои тенденција на пренесување на коронавирусот меѓу учениците, ниту знаци за ширење во училиштата.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 408 нови случаи на Ковид-19, а починаа уште шест лица.

Од почетокот на епидемијата заразени се 23.060 лица и регистрирани 462 смртни случаи.

Треба да знаете
Последни објави