Search

Харадинај: Состојбата во косовското образование е тешка

Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај, во врска со резултатите од тестирањето на средношколците за 2018 година, реализирано во рамки на програмата ПИСА на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), оцени дека состојбата во образованието во Косово е тешка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според резултатите кои се објавени денеска, Косово се наоѓа на 77. место на листата од 79 држави во кои е извршено тестирањето и зад него се наоѓаат единствено Доминиканската Република (78) и Филипините (79).

Харадинај изјави дека во изминатиот период се преземени мерки за подобрување на состојбите во образованието, но дека е потребна поголема посветеност на квалитетот на наставата.

– Мислам дека персоналот и сите кои се опфатени треба да бидат поискрени во однос на состојбата во образованието. Не може да се негира дека имаме тешка состојба. Постојано се прават напори за подобрување на инфраструктурата, за зголемување на платите, но треба да се води сметка и за квалитетот, изјави Харадинај.

Неуспехот на последното тестирање го призна и вршителот на должност министер за образование на Косово, Шиќири Битиќи, кој изјави дека очекувал годинава подобар исход отколку во минатите години, кога косовските ученици исто така забележуваа лоши резултати.

Годинава Македонија има 69-ти резултат од тестирањето и е втора најлошо рангирана од земјите во регионот. Најдобри резултати забележаа учениците од Кина, а оние од Сингапур се второрангирани. Најдобро рангирана европска земја е Естонија на петтото место, а од земјите во регионот Словенија е на 21. место, Хрватска 29-та, Грција 42-ра, Србија 45-та, Црна Гора 52-ра, Бугарија 54-та, Албанија 61-ва и Босна и Херцеговина 62-ра.

Треба да знаете
Последни објави