Search

Харадинај: Признавањето од Србија треба да дојде како извинување за злосторствата

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска дека ја поддржува идејата на неговиот заменик, вицепремиерот Беџет Пацоли за заедничка средба на целиот политички спектар во Косово со земјите сојузнички во врска со дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај по денешната седница на Владата изјави дека предлогот на Пацоли претставува „добра идеја”, додека од преговорите со Србија очекува да резултираат со меѓусебно признавање, што би значело дека Белград на тој начин „би побарал извинување” за злосторствата врз албанското население во Косово во минатото.

Шефот на косовската дипломатија, Пацоли, денеска повика на заеднички итен состанок на косовските политички лидери со американските и западните партнери, со цел да се деблокираат преговорите со Србија.

– Ми се допаѓа идејата на Беџет Пацоли за заеднички состанок. Зошто да не, една добра средба. Признавањето од Србија треба да дојде како барање извинување, изјави Харадинај.

Тој ја коментираше и изјавата на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини, која денеска рече дека дијалогот меѓу Приштина и Белград нема да продолжи се додека косовската Влада не ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

Косовскиот премиер рече дека Могерини, која е главниот посредник во дијалогот меѓу двете земји, води полутајни разговори, но не кажа со кого.

– Могерини води еден дијалог кој е полутаен и го продолжува. Би било добро таа да го изнесе на светлина тој дијалог, да не го крие. Нека го извади на маса, за да продолжи дијалогот така како што доликува. Сега имаме државна делегација за преговори, ја имаме платформата, добро е дијалогот да продолжи, изјави Харадинај.

Во однос на платформата за дијалогот со Белград, тој изјави дека повремено се консултира и со косовските опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ).

– Кога имам можност се консултирам и со нив. Доколку мислат дека изборите се потребни, тие можат тоа да го забрзаат, но тој процес нема да го попречат доколку станат дел на овој процес на дијалог. И ВВ и ЛДК треба да се вклучат во дијалогот, изјави Харадинај.

Тој порача дека изборите можат да се одржат „било кој ден” и дека „заради избори нема потреба никој да се нервира”.

– Доволно е да се соберат 61 пратеник. Јас не сум подготвен за избори, подготвен сум да работам, изјави Харадинај по денешната владина седница. иа/сп/

Треба да знаете
Последни објави