Search

Харадинај повтори дека таксата ќе се укине кога Србија ќе го признае Косово

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска повтори дека таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ќе се укине тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

За време на посетата на општина Вучитрн, Харадинај рече дека укинувањето на таксата не е услов за визна либерализација за Косово и изрази уверување дека не е далеку денот кога косовските граѓани ќе патуваат во Европа без визи.

– Денот кога ќе се укинат визите не е далеку и ние продолжуваме да работиме посветено на тој план. Меѓутоа, ова не е поврзано со укинување на таксата, иако барања за нејзино суспендирање има. Тоа повеќе служи како начин на дисциплинирање. Кога ќе не признае Србија ќе се укине таксата, рече Харадинај.

Запрашан од новинарите да ја коментира денешната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Белград, Харадинај рече дека „односите меѓу Косово и Франција се исти како и во минатото” и дека „има добро ниво на соработка” меѓу двете земји.

Треба да знаете
Последни објави