Search

Харадинај: Косово пружа добри услови за странските инвеститори

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на денешната средба со комесарот за трговија со Европа на Обединетото Кралство, Ендрју Мичел изјави дека Косово, пред се со своите хумани и инфраструктурни ресурси пружа добра понуда за странските инвеститори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението од владиниот кабинет, Харадинај го информирал гостинот за достигнувањата на земјата во правец на унапредување на законската инфраструктура во областа на економијата, посебно со усвојувањето на Законот за стратешки инвестиции, што, според него, „создаде нова клима за водење бизнис во земјата и подобра можност за привлекување на инвеститори од надвор”.

Како поволности за странските инвеститори, тој ги нагласил и ниската цена за нивно оперирање и таксата од нула отсто за европскиот пазар, како и „најдобрите фискални политики во регионот и најголемиот економски раст во регионот од 4,7 отсто”.

– Косово може да понуди потенцијален пазар и на полето на рударството, телекомуникациите, енергијата, производството, туризмот и во други области, како што се информатичките технологии и услугите, вели косовскиот премиер.

Харадинај, на средбата на која присуствувал и британскиот амбасадор во Приштина, Руаири О’Конел, порача дека е „време извонредната поддршка и одличните односи со Обединетото Кралство да преминат во нова димензија на соработка со обострана корист”.

Британскиот комесар Мичел, според владиното соопштение, изјавил дека Обединетото Кралство е заинтересирано за создавање услови за зголемување на инвестициите на компаниите од неговата земја во Косово, со цел јакнење на економското партнерство меѓу двете земји.

Треба да знаете
Последни објави