Search

Хан: Се надевам дека ќе се ревидира одлуката за преговори со Скопје и Тирана

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан утрово за последен пат се обрати пред Комисија за надворешни работи на Европскиот Парламент во својство на вршител на сегашната функција, на дебатата фокусирана главно на Западниот Балкан.

Еврокомесарот уште еднаш изрази жалење што земјите членки на ЕУ не постигнаа консензус во октомври за отпочнување на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија и повторно нагласи дека со тоа му се нанесува огромна штета на кредибилитетот на Европската Унија.

Тој смета дека ЕУ не може да си дозволи прво да се занимава со внатрешната реформа, а дури потоа да ги отпочне процесите во регионот, бидејќи има преголем ризикот во меѓувреме да се случи реформско назадување во западнобалканските земји.

– Кредибилитетот претрпе голема штета. ЕУ во светот зборува за успесите на мултилатерализмот и ние сме водечка сила во тоа, но тука не успеавме да донесеме одлука. Нашиот кредибилитет е оштетен, им порача Хан на европратениците.

Тој потсети дека кредибилитетот на ЕУ е еден од нејзините најголеми предности.

– Ние дадовме гаранции дека кога ќе се исполнат критериумите ќе отпочнат преговорите. Ние не ги испочитувавме нашите ветувања и се надевам дека одлуката ќе се ревидира. Огромното мнозинство земји со години туркаат за отворање на преговорите, нагласи еврокомесарот.

Хан потсети и дека условите кои им се поставија на двете земји во јуни 2018 беа консензус на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија и дека ништо „на сила не им беше наметнато” на државите членки.

– Ако по проверка се утврди дека условите се исполнети од страна на земјите, тогаш не смее да има двоумење дека треба да се даде зелено светло за почеток на преговорите. Впрочем помеѓу давањето зелено светло и отворањето на првите поглавја ќе поминат неколку месеци, изјави еврокомесарот во заминување.

Зеленото светло, истакна Хан, е пред сѐ признание за целата работа која ја направија двете земји и предупреди дека ЕУ мора да внимава на последиците што може да ги предизвика блокадата врз другите земји во регионот, потсетувајќи дека најголем поттик за Белград и Приштина да постигнат договор е токму ЕУ перспективата.

Европратениците во огромно мнозинство му изразија благодарност и поддршка на еврокомесарот Хан. Европратеничката од Летонија, од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Сандра Калниете рече дека чувствува личен срам поради одлуката на октомврискиот Самит на ЕУ.

– Со години му велев на амбасадорот на Северна Македонија „решете го само името и ќе влезете”. Штетата врз нашиот кредибилитет е огромна. Сега е најважно да видиме што можеме да сториме за да го туркаме процесот напред. Ако имаме уште еден Самит на кој ќе се разочараат надежите на земјите, тоа ќе биде катастрофално. Треба да бидеме подготвени за одлука кога ќе се одржи Самитот со Западниот Балкан, изјави Калниете.

Единствено француските европратениците од партијата на Емануел Макрон и една белгиска пратеничка од групата на Социјалистите и демократите, оценија дека прво треба да се реформира ЕУ од внатре, па потоа да се проширува.

Треба да знаете
Последни објави