Search

Партијата на косовските Срби ја поздрави полициската акција во северна Митровицa

Партијата на косовските Срби (ПКС), на чие чело е поранешниот министер за заедници и враќање на иселените во Косово и екс-лидер на Српската листа (СЛ), Александар Јаблановиќ, ја поддржа денешната акција на косовската полиција во северна Митровица, во која беа уапсени неколку Срби осомничени за убиството на Оливер Ивановиќ на почетокот на годинава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на ПКС, објавено на телевизијата Т7, се вели дека оваа партија „ја поздравува денешната акција на Полицијата на Косово за апсење на осомничените за убиството на Ивановиќ”.

ПКС ги повика надлежните органи на Косово да делуваат согласно Уставот и законите на Косово, објави приштинската телевизија и нејзиниот портал „Газета Експрес”.

– Ги повикуваме властите во Република Косово во секое време и во секоја ситуација да дејствуваат согласно Уставот и законите и да не користат насилство против граѓаните од српска националност, се вели во соопштението што го објавија споменатите медиуми.

Партијата, се наведува во соопштението, апелира до властите во Приштина и до СЛ, „да не поттикнуваат дејствија кои ќе водат кон натамошна изолација на Србите во Косово и нивно напуштање на земјата”.

Во акција на специјалните единици на косовската полиција, РОКСУ, рано утрово беа уапсени четири лица осомничени за убиството на Ивановиќ на 16 јануари годинава.

Акцијата на српската полиција предизвика вознемиреност кај српското население во северниот дел на Косово.

На денешните протести во областите населени со мнозинско српско населени во северно Косово, организирани по повод воведувањето такси на производите од Србија од страна на косовската Влада, беше побарано и ослободување на уапсените Срби, меѓу кои се и двајца припадници на косовската полиција.

Треба да знаете
Последни објави