Search

Халкбанк ќе отвори своја осигурителна компанија

По информацијата објавена од Македонската берза дека акциите на Нова Осигурување АД Скопје се продадоа за вкупно 3,2 милиони евра во две блок-трансакции, Халкбанк АД Скопје и официјално потврди дека сега поседуваат 100 отсто од капиталот на осигурителната компанија.

Со оваа купопродажба, Халкбанк најави дека е новиот сопственик на осигурителната компанија, а допрва ќе следува целиот процес на ребрендирање.

„Следејќи ја успешната практика на нашата матична банка Халкбанк Турција, која е сопственик на осигурителната компанија Халк Сигорта, а со цел проширување на присутноста на нашиот бренд во рамките на финансискиот пазар во Македонија, отсега под името ХАЛК ќе се нудат и услуги во доменот на осигурувањето. Со оваа капитална инвестиција, убеден сум дека и позицијата на Халкбанк дополнително ќе се зацврсти како успешен и сигурен бренд и ќе дејствува во насока на понатамошен развој на компанијата во финансискиот сектор во земјата“, изјави д-р Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк.

Инаку, Халкбанк Турција (Turkiye Halk Bankası A.Ş.) е доминантен акционер на Халкбанк АД Скопје и е една од најголемите банки на турскиот пазар, во чија сопственост се и друштвата Халк Лизинг, Халк Факторинг, Халк Инвестиции и Халк Пензиски фонд.

Халк Сигорта, пак, е една од најголемите осигурителни компании на турскиот пазар, која својата визија да биде водечка компанија и пример за дејствување во осигурителниот сектор, истовремено применувајќи иновативни и пионерски практики, ќе ја пренесе и на македонскиот осигурителен пазар.

Инаку, купопродажбата на Нова Осигурување АД Скопје се изврши на 9 јануари, а осигурителната компанија под брендот на Халк ќе започне со работа во претстојниот период.

 

Треба да знаете
Последни објави