Search

Хазири: Денеска ќе се постигне големиот договор меѓу ЛДК и ВВ за промени во Косово

Потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Љутфи Хазири, пред попладневната средба на лидерот на ЛДК Иса Мустафа со претседателот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, изрази уверување дека договорот за формирање на новата коалициона влада од двете партии-победнички на октомвриските избори, ќе биде постигнат денеска, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хазири изјави за порталот Медиафокус.инфо дека „денеска е главниот ден” за постигнување на, како што го нарече, „големиот договор за промени” во Косово.

Потпретседателот на ЛДК вели дека со спогодбата се предвидува новата влада да има 12 министерства кои ќе бидат поделени рамномерно, а премиер ќе биде Курти, со оглед дека неговата партија освои најмногу гласови на вонредните парламентарни избори на 6 октомври.

Според договорот кој се очекува да го постигнат Курти и Мустафа на состанокот закажан за 16 часот, кандидатите за другите две главни функции во државата, претседателот на државата и собранискиот спикер, ќе бидат заеднички, но ќе ги предложи ЛДК. Тоа, според Хазири, значи дека тие две функции ќе припаднат на неговата партија.

Во пресрет на состанокот на Курти и Мустафа, претпладнево одвоени седници одржаа претседателствата на двете партии, по што ниту од ВВ ниту од ЛДК не беа објавени детали за тоа за што се разговарало и дали се донесени некакви одлуки.

До застој во преговорите меѓу двете партии, кои започнаа веднаш по објавувањето на првичните резултати од гласањето на 6 октомври, дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Конститутивната седница на новиот, седми по ред, состав на Собранието на Косово, претседателот на државата, Тачи првично ја свика за 24 овој месец, а вчера ја промени својата одлука и го помести датумот за 26 декември. Тоа е последниот законски рок за одржување на седницата, со оглед дека конечните резултати од гласањето на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври Централната изборна комисија на Косово ги објави на 27 ноември.

Треба да знаете
Последни објави