Search

ФФМ вложува повеќе од 300.000 евра за реконструкција на Градскиот стадион во Кавадарци

После 30 години Градскиот стадион во Кавадарци ќе добие потполно нова слика. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) целосно реконструира две трибини (јужна и источна), а целосно покриена со кровна конструкција ќе биде јужната трибина.

Веќе се набавени и 2.000 нови столчиња за стадионот на ФК Тиквеш, а општина Кавадарци потоа целосно ќе ги обнови и модернизира соблекувалните и останатите простории во рамки на стадионот.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини вели дека за кратко време е поминат патот од идеја до реализација на проектот.

– Сите знаеме колку стадионот и ФК Тиквеш значи за градот Кавадарци. Исклучитено сме задоволни од досегашниот тек на активностите, напредокот веќе е видлив, а следната пролет ќе ја видиме целосната слика од Градскиот стадион. ФФМ обезбеди средства за изградба и реконструкција на трибините на стадионот, а заедно со општината ќе продолжиме да создаваме услови за подобрување на фудбалската инфраструктура. Благодарност до градоначалникот Јанчев и неговата администрација за обезбедувањето на сета потребна документација и можноста да започнеме со реализација на проектот во најкраток рок, изјави Сејдини.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев изрази голема благодарност до Фудбалската федерација за реализација на овој проект.

– ФФМ обезбеди средства и врши реконструкција на стадионот. За ваков прилично голем проект, едни без други не можеме и на овој начин само ја унапредуваме нашата соработка. Секојдневно сме во комуникација со луѓето од федерацијата, стадионот на некој начин е „жива материја” и заеднички се трудиме да направиме позитивни работи за фудбалот и воопшто за спортот во нашиот град. Она што Федерацијата го прави заедно со општините, едноставно, секој мора да го поддржи бидејќи се вложуваат средства, а корист имаат клубовите. Драго ми е што и ние како локална самоуправа после многу години создаваме поинаква слика за Градскиот стадион, а тоа е вредност за градот која ќе трае и ќе биде поттик за многу идни генерации фудбалери, изјави Јанчев.

Треба да знаете
Последни објави