Search

ФРОДЕМ: Македонско свето тројство- ,,Сваровски судство-Русковска обвинителство-Долче&Габана политичари“

Интегрален текст од соопштението на ФРОДЕМ – Фронт за демократска Македонија

 

Во Република Македонија одамна функционира на дело Светотo тројство: ,,Сваровски судство-Русковска обвинителство-Долче&Габана политичари“. Кој од кој полош. Сите за правда, а правда нема. Сите за ред и поредок, а анархија цело време. Капак на сето и случајот ,,Рекет“ и ,,Луј Витон“ торбите. Сите вмешани, а на крај сите чисти.

Пред неколку дена несудениот амбасадор А. Николовски кој во слободно време е пратеник во Собранието на Република Македонија и еден од многумината ,,диктирачи“ на темпото на работа на ОЈО и судот вели: ,,Ако судот не ја заврши својата работа околу случајот со СЈО и „Рекет“ тогаш ДПСМНЕ ќе објави нови сознанија за тој случај”. Сакаме да ја потсетиме јавност дека и партискиот шеф на Николовски пред неколку месеци даде изјава со слична содржина, а кога тоа ќе се слушне од првите двајца луѓе на засега најголемата опозициона партија, тоа треба серизно да се земе во предвид.

За да се открие целата мистерија околу случајот ,,Рекет“и за да се стави крај на сите шпекулации и нејаснотии во врска со него, ФРОДЕМ го повикува (какво-таквото) надлежно обвинителство и судот итно да ги повика и да ги сослуша гласноговорникот Николовски и неговиот шеф и да види и слушне што е тоа што тие го знаат, а не го знае обвинителот и јавноста и конечно да стави крај на сите идни манипулации, калкулации и ,,игри околу и за престолот“.

Само на овој начин судот и надлежното обвинителство имаат ретка можност да ги проверат, но и да дојдат до евентуално нови сознанија кои засега им се познати само на овие ,,сезнајни“ политичари од времето на режимот. Постапувајќи на ваков начин судот ќе обезбеди поголема правна сигурност на сите засегнати страни во процесот и во име на народот да донесе пообјективна првостепена пресуда. Во спротивност доколку овие персони немаат докази кои ќе фрлат ново светло на целиот случај обвинителството има ретка и убава можност за прв пат во Република Македонија да покрене постапка против политичари за давање лажен исказ, поднесување лажни докази, спречување на докажување односно за стек на кривични дела против правосудството како и лажно тревожење на јавноста.

Само на овој начин јавноста во Република Македонија ќе има можност да види кој не ја зборува вистината, а кој затскрива, соработува и заштитува криминалци. Ова е прва и последна шанса да се отпочне со разнебитување на ова ,,Свето тројство”.

За ФРОДЕМ правдата, правичноста и вистината се есенцијални вредности пред кои не смее да има отстапување во ниту еден случај и за ниту една персона.

 

22.01.2020. Скопје                                                  ФРОДЕМ – ФРОНТ ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА

Треба да знаете
Последни објави