Search

Списокот во Србија дава впечаток за отворен напад на критиката

Програмската директорка на Фридом Хаус за Европа и Евроазија Софија Орлоски, изјави за Гласот на Америка (ВоА) дека таа организација е длабоко загрижена за настаните во Србија, особено откако им претходеа години на прогон на независните медиуми и на невладините организации спроведени од српските власти. Орлоски ова го оцени по повод барањето на Управата за спречување перење пари при Министерството за финансии на српската влада од домашните банки да извршат увид во финансиските трансакции на одредени новинари, невладини организации и граѓански здруженија.

Списокот на субјекти содржи 37 организации и здруженија, како и 20 лица за чие финансиско работење е заинтересирана Управата за спречување перење пари.

-Со оглед на тоа што објавениот список содржи имиња на добро познати и почитувани истражувачки медиуми, организации за човекови права, новинари и активисти, се остава впечаток за отворен и систематски напад на критиката- наместо кредибилна истрага за изолиран инцидент, изјави Орлоски во писмената изјава за Глас на Америка.

Орлоски истакна дека „употребата на обвиненија за перење пари или тероризам против невладини организации и критичари на владата не е ништо ново”.

-Тоа е редовна појава во евроазиските тоталитаристички држави кои се обидуваат да замолчат независни набљудувачи и противници – најчести во Русија, но и во Турција, Казахстан или Таџикистан. Српските власти започнаа наводна истрага против групи и поединци кои отворено укажуваа на широко распространета корупција од страна на владини претставници и го критикуваа незадувањето на Србија во областа на човековите права, подвлече Орлоски.

Според неа, тоа е показател дека властите се подготвени да ја злоупотребат важноста на транспарентноста и одговорните институции за да постигнат политички цели и ги предупреди властите во Србија веднаш да престанат со нападите.

-Властите треба да објаснат со целосна транспарентност која е причината за нивната загриженост во однос на групите и поединците кои се најдоа на списокот на проверка. Силниот невладин сектор во Србија може да биде важен партнер во подобрувањето на начинот на вледеење и почитувањето на основните слободи. Наместо закани, властите треба да се вклучат во искрен дијалог, заклучи Софија Орлоски.

Невладината организација Фридом Хаус се занимава со проучување и заговарање на демократијата, политичките слободи и човековите права.

Во својот последен извештај „Земјите во транзиција”, Фридом Хаус оцени дека Србија и Црна Гора, за прв пат од 2003 година, не се демократии и дека спаѓаат во категоријата на влади во транзициски или хибридни режими.

Владата на Србија реагираше со писмо во кое ги оспори заклучоците од извештајот, на што Фридом Хаус одговори дека стои зад заклучоците на извештајот „Земјите во транзиција”.

Треба да знаете
Последни објави