Search

Француски тинејџер уапсен поради пофалби за обезглавувањето на професорот

Француската полиција уапси 16-годишник во комуната Лур откако тој објавил пораки на социјалните мрежи во кои ги фалел постапките на чеченскиот исламски терорист кој го обезглави професорот Самуел Пети, пренесува „Фигаро“.

Обвинителството во Весул објави дека средношколецот бил приведен во неделата откако ја искажал својата поддршка за терористичкиот напад на 20 октомври, само неколку дена по убиството Пети.

Според извештајот на „Фигаро“, тинејџерот напишал: „Секој неверник кој сака да го извалка исламот заслужува да ја има истата судбина како Пети. Алаху Акбар“.

Обвинителот на Весул, Емануел Дупик, не појасни на која мрежа на социјални медиуми е објавена пораката, но рече:

„Средношколецот ги призна фактите. Сега знаеме дека секоја порака објавена на Интернет може да има последици. Значи, треба да има системска пресметка со овој вид пораки“, додаде тој.

Обвинителот исто така откри: „Изгледа дека станува збор за личност која е преобратена и радикализирана, но нема муслиманско потекло“.

Таткото на ученик во класот на Пети, повикал на кампања против професорот пред неговото убиство. Подоцна беше откриено дека таткото, идентификуван како Брахим Чнина, бил во директен контакт преку „ВатсАп“ со терористот кој го уби Пети, 18-годишниот бегалец од Чеченија, Абдулах Анзоров.

Чнина и друг познат исламист, Абделхаким Сефриуи, кој исто така учествуваше во кампањата на социјалните мрежи против Пети, беа уапсени по убиството.

По терористичкиот напад, владата на претседателот Емануел Макрон вети дека ќе ги затвори исламистичките џамии и исламистичките групи и уапси десетици луѓе поради пофалби за терористичкиот напад.

Еден човек, затвореник во затвор во Амиен, беше осуден на осум месеци откако го пофалил убиството на другите затвореници, велејќи им: „Добро за него, тој (терористот) добро ја заврши работата; стој понастрана од мојата религија, од мојот пророк“.

Треба да знаете
Последни објави